Со 67 гласа „за“, пет „против“ и без ниту еден воздржан, Собранието, денеска, во рамките на 85. седница, по скратена постапка, ги донесе измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, со кои рокот за легализација на објектите со ваков статус се продолжува за пет години.
Имено, со досегашното решение, рокот до кога требаше да се завршат постапките со поднесените барања за легализација на бесправно изградени објекти беше 3 март 2026 година. Со донесените измени, сега тој рок се продолжува до 3 март 2031 година.
Барањата за легализација на бесправно изградени објекти, според досегашното решение, можеа да се поднесуваат заклучно со март 2011 година, а рокот до кога предметите требаше да бидат решени беше 3 март 2026 година. Со донесените измени, сега тој рок се продолжува до 3 март 2031 година, односно наместо 15, ќе изнесува 20 години.
Според подносителите, со измените не се менува ништо суштинско во однос на поднесувањето на барањата, туку само во рокот за решавање на предметите. Формално измените не предвидуваат можност за поднесување нови барања за легализација на дивоградби, туку треба да им помогнат на институциите да ја завршат постапката за оние граѓани кои веќе поднеле документација и чекаат разрешница.
Инаку, предлагачи на измените беа пратеници од владејачкото мнозинство – Бојан Стојаноски, Беким Ќоку, Бобан Карапејовски , Бране Петрушевски, Даниела Христова, Каролина Насковска, Лидија Петкоска, Марија Петрушевска, Моника Трајанова, Олга Лозановска и Павле Арсоски.
Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) на почетокот на февруари до Собранието, Владата и до Министерството за транспорт достави барање со цел да се овозможи продолжување на рокот на Законот за постапување со бесправно изградените објекти заклучно со 2031 година.
Во барањето од Управниот одбор на ЗЕЛС беше образложено дека голем дел од постапките не биле завршени поради водење судски спорови поврзани со правата врз изградените објекти и други административни формалности.
„Продолжувањето на рокот има цел само довршување на постапките што се веќе почнати, а не и доставување нови барања и оформување нови предмети за постапување“,
беше наведено во образложението на измените на Законот.
На гласањето на измените во Собранието му претходеше расправа, во која пратениците од власта и од опозицијата изнесоа спротивставени гледишта и меѓусебни обвинувања во однос на законското решение.
Од парламентарното мнозинство посочија дека станува збор за техничко продолжување, со цел да не се прекинат илјадници предмети што се наоѓаат во разни фази на постапка.
Момент од денешната 85. седница на Собранието на РС Македонија / Фото: МИА
Пратеничката Бисерка Златеска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека овој предлог не отвора можност за нови дивоградби, туку се однесува на граѓаните што навреме поднеле барања, но не ги исполниле роковите за легализација, не по нивна вина, туку поради процесни причини.
„Ова обезбедува сигурност за граѓаните и заокружен процес, кој трае повеќе од една деценија, со правосилни управни акти“,рече таа.
Пратеникот Беким Ќоку од Беса, кој е еден од предлагачите на измените, нагласи дека ќе го поддржат законското решение бидејќи, како што се надоврза, овозможува завршување на сите постапки за легализација на објекти изградени без дозвола.
