СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Македонија

ЕУ денес предлага да се укине ветото во проширувањето

Во француско-германскиот експертски извештај за реформирана и проширена ЕУ, што денес се презентира пред Советот за општи работи (ГАК) во Брисел, се предлага укинување на ветото, објави поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров.

Според него, со предлогот се воведува квалификувано мнозинство наместо консензус во процесот на проширувањето сè до последниот чин – зачленувањето, што значи дека отворањето и затворањето на поглавјата ќе биде поштедено од барањето едногласност, пишува Независен.

Во предлогот на Германија и Франција има исто така дел што се однесува на окупирани територии. Во него стои дека „пристапувањето на земји со спорни територии со земја надвор од ЕУ ќе мора да вклучи клаузула дека тие територии ќе можат да се приклучат само ако нивните жители се подготвени да се направи така.”

Извештајот на двете земји, чиј автор се дванаесет француски и германски експерти, предвидува реформа на институциите, договорите и буџетот на ЕУ додека земји како Украина, Молдавија и Западен Балкан се подготвуваат да се приклучат на блокот. Авторите сметаат дека построги правила за владеење на правото, нови процедури за гласање во Европскиот совет и поголем буџет на ЕУ би можеле да бидат меѓу неопходните реформи. Тие, исто така, предлагаат „диференцијација“ меѓу четири нивоа од поширокиот блок, вклучително и група „придружни“ земји кои ги почитуваат принципите на ЕУ и единствениот пазар без да станат полноправни членки на ЕУ

Министрите за Европа на Франција и Германија, Лоренс Бун и Ана Лирман, треба веќе да го презентираат документот пред министрите во Брисел како потенцијален патоказ за проширувањето, пред 27-те шефови на држави на ЕУ да го разгледаат за време на неформалниот самит во Гранада, Шпанија, следниот месец.

Весникот што го објави прв документот „Contexte“ се повикува на добро познатиот концепт за постепено „фазно вклучување“ на земјите кандидати во политиките на ЕУ. Во август, Шарл Мишел ги наведе енергијата, единствениот пазар и безбедноста и одбраната како некои од областите на политиката за прогресивна интеграција. Концептот исто така поставува повеќеслоен блок составен од внатрешен круг на избрани земји на ЕУ, самата ЕУ, „придружните членки“ на единствениот пазар и на Европската политичка заедница од 44 земји како надворешен слој.

„Можеби некои земји надвор од ЕУ не сакаат да се приклучат како полноправна членка или не можат да го сторат тоа и би ценеле да бидат поврзани на друг начин“, објасни еден од предлагачите. „И можеби некои земји во ЕУ не сакаат да продолжат со некои политики и има потреба од коалиција на подготвени која ќе прави повеќе“, додаде тој. „Можеби сме дури и во ситуација кога некои сегашни земји-членки повеќе не се заинтересирани да бидат во ЕУ од таков вид и би се чувствувале поудобно во друг круг“, порача тој.

Предлогот сугерира дека мала „коалиција на подготвени“ земји на ЕУ треба да бидат способни да продолжат со одлуките за политиките и трошоците дури и ако другите членки на ЕУ не се согласуваат.Во документот се изложени идеи кои ќе и овозможат на ЕУ да се прошири без нужно да ги менува нејзините договори, што би барало едногласна поддршка од 27-те земји-членки и долг процес на ратификација. Тој, исто така, нуди потенцијален „дополнителен реформски договор“ што ќе им овозможи на „подготвените“ земји-членки да продолжат со реформите на договорот без поддршка од поскептични земји.

Едно од другите спорни прашања е како да се прилагодат процедурите за донесување одлуки на ЕУ за да се осигура дека блок од 30 или повеќе земји би можел да добие зелено светло за политичките одлуки. Авторите препорачуваат повеќе гласање со мнозинство наместо со консензус во Советот, вклучително и за клучните одлуки за надворешната политика и одбраната. Ова би значело дека земјите од ЕУ повеќе нема да можат да ставаат вето на одлуки како што се економски санкции, снабдување со оружје или финансиска поддршка за Украина, како што тоа го правеше Унгарија во минатото. Тие, исто така, предлагаат промена на праговите за мнозинство гласови на 60% од земјите кои претставуваат 60% од населението на ЕУ, од сегашните 55% од земјите кои претставуваат 65% од населението.

Европскиот парламент треба да има максимум 751 место, а европските избори треба да бидат конзистентни меѓу земјите-членки, се вели во извештајот. Тој, исто така, препорачува да се намали бројот на еврокомесари или да се воведе хиерархија во рамките на колеџот за да се обезбеди побрзо донесување одлуки.

Извештајот, исто така, се занимава со трнливото прашање за буџетот на ЕУ и распределбата на финансирањето во поголема Унија.

Повеќе.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content