Судскиот совет на Република Северна Македонија денеска од 10 часот треба да одржи седница на чиј дневен ред се повеќе точки помеѓу кои барања за исклучување на јавноста во постапки по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд, утврдување на престанок на судиска функција поради пензија, избор на судии поротници на Основен Кривичен суд Скопје и формирање на Комисија за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседател на Основен суд Кавадарци.
На дневен ред на 502. седница, покрај усвојување на записници од 496 и 497 седница, е и разгледување и усвојување на Извештај за резултати од проверка на знаење на практична работа со компјутери.
Разгледување и одлучување за времено упатување на судија за вршење на судиска функција во друг суд, разгледување и одлучување по поднесени жалби на ранг листи на кандидати за избор на судии во повисок суд и тоа за Апелационен суд Штип и Апелационен суд Гостивар и разгледување и одлучување по приговор од кандидат по објавен оглас за избор на претседател на Апелационен суд Битола, се, исто така, дел од дневниот ред.
Дополнително, денеска се очекува да биде разгледан и извештајот на Комисијата за одлучување по приговори за редовно оценување на судиите и претседателите на судовите за период 2019-2022 година како и извештаи на Комисии за проверка на исполнетост на условите и критериумите за избор на претседатели на Виш управен суд и основните судови во Берово, Делчево, Крушево, Охрид, Радовиш, Струмица и Гевгелија.
Дополнително, Советот ќе расправа и по Извештаи на Комисии за констатирана состојба по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд, ќе одлучува по известувања на Комисии за утврдена фактичка состојба по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд и ќе формира Комисии на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд.