Платите на наставниците и професорите ќе се покачат за пет проценти

109

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков на денешната прес-конференција по средбата со премиерот Христијан Мицкоски, потврди дека и оваа година, поточно од овој месец, ќе има зголемување на платите во основно и средно образование за пет проценти.

Тоа значи дека од овој месец, односно од октомвриската плата, вработените во основното и средо образование ќе имаат зголемена плата за пет проценти.

Задоволството е уште поголемо што се договоривме за континуиран раст на платите во основно и средно образование во период од четири години, каде според нашите заеднички математики, конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата, рече Неделков.

Како што додаде, ова е голем успех во преговорите, во социјалниот дијалог и партнерство и е доказ дека со заемно почитување и разбирање како социјални партнери, може да се дојде до прифатливи решенија.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференцијата посочи дека после неколку неделни преговори и анализи, и врз основа на она што го имаат како информација како се полни буџетот и кои се проекциите за годините кои следат, сакале да постигнат договор кој ќе биде долгорочен и ќе биде во насока на подобрување на финансиска состојба на наставниците.

Ова претседателот на Владата го нарече „историски договор“, бидејќи рече дека нашле решение за покачување на платите до 2028 година. Следното покачување ќе биде во март следната година и тоа ќе биде за 2% поголемо, односно платата ќе биде поголема за 7%.

„Ова е историски договор, ние гледавме да најдеме решение кое ќе биде долгорочно. Па така, од октомври, односно платата што ќе ја земат наставниите во ноември, истата ќе биде покачена за 5%, а во март 2025 година за дополнителни 7%. Во март 2026 ќе пораснат помеѓу 7,5% и 10%, а истото се планира и за март 2027. Во март 2028 година, ќе пораснат од 10% д0 12,5%“, рече Мицкоски.

Инаку, согласно порамнувањето според општиот колективен договор и потпишаната спогодба, наставниците и професорите, односно вработените во образовниот сектор од октомрви ќе требаше да земат 0,7% повисоки плати за септември колку што изнесувал и порастот на трошоци.

Најавата на владата на Мицкоски за минимално зголемување на платите на наставниците од само 5% наместо планираните 12% е срамно и претставува обид за амортизација на незадоволството коешто постои, велат од опозициската партија СДСМ.

За СДСМ зголемувањето од 5 отсто е срамно

– Владата на Христијан Мицкоски ги потценува наставниците и нивниот труд. На наставниците и просветните работници не им требаат утешителни награди туку реален раст на платите.

Наставниците заслужуваат поголема почит и поддршка за нивниот труд и напор во воспитувањето на идните генерации, а не минимални, козметички зголемувања на плати кои не одговараат на реалните потреби.

Во предизборната кампања, Мицкоски и неговите соработници ветуваа значајно подобрување на животниот стандард на наставниците, но сега, кога се на власт, ги заборавија своите ветувања и се фрлија на манипулација.

Манипулацијата очигледно е со цел да се спречи најавуваниот штрајк во образованието, а не да им се излезе во пресрет на наставниците.

Пари има во буџетот а наставниците и просветните работници заслужуваат реално и вистинско зголемување на платите кое треба да биде 12%. Затоа бараме платите на наставниците да се зголемат за 12% како што им следува.

СДСМ платите на наставниците и просветните работници ги зголеми за 55%.

Владата на Мицкоски мора да престане со лагите и манипулациите, и да преземе конкретни чекори за да обезбеди достоинствена плата и услови за работа на наставниците, како што беше ветено – велат од СДСМ.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content