Денеска се празнува Светиот пророк Илија

116

Денеска е 20 јули (по стар стил) и се слави Светиот пророк Илија.

Боговидец, чудотворец, ревнител за Божјата вера. Родум од племето Ароново, од градот Тесвит и затоа е наречен Тесвитјанин.

Кога се роди Илија, неговиот татко Савах виде ангели Божји околу детето како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен. Ова беше предзнак за неговиот пламенен карактер и за богодаруваната огнена сила во него.

Целата своја младост ја мина во богомислие и во молитва, повлекувајќи се често во пустината, та во тишина да размислува и да се моли. Во тоа време еврејското царство беше разделено на два нееднакви дела: Јудиното царство опфаќаше само две племиња, Јудиното и Венјаминовото, со престолнината во Ерусалим, додека Израилевото царство ги вклучуваше останатите десет племиња со престолнина во Самарија.

Со првото царство владееја потомците на Јеровоам, слуга на Соломон. Најголем судир пророкот Илија имаше со израилскиот цар Ахав и со неговата изопачена жена Језавела, затоа што тие им се поклонуваа на идолите и го одвраќа народот од служењето на единствениот и жив Бог. Згора на тоа, Језавела, која беше Сиријка, го наговори мажот и да подигне храм за сирискиот бог Ваал и да одреди свештеници за тој лажен бог.

Со големи чуда Илија ја покажа силата и власта Божја: го затвори небото, па немаше дожд три години и шест месеци; спушти оган од небото и Му запали жртва на својот Бог, а жреците на Ваал тоа не можеа да го направат; низведе дожд од небото со својата молитва; чудесно ги умножи брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и го воскресна нејзиниот умрен син; му прорече на Ахав дека кучињата крвта ќе му ја лижат и на Језавела дека кучињата ќе ја изедат, што и се случи; и многу други чуда изврши и настани предвести.

На Хорив разговараше со Бога и во тивкиот свеж ветрец го чу гласот Божји. Пред смртта го зеде Елисеј и го одреди за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресече Јордан; и најпосле беше земен на небото во огнени кочии со огнени коњи.

На Тавор заедно со Мојсеј Му се јави на Господ Исус Христос. Пред крајот на светот Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот (Откр. 11).

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content