Прогнозите за економски раст на Германија се повеќе од слаби, што значи дека државната каса ќе биде празна. А бидејќи се ближат изборите, тоа е голем политички предизвик и за министерот и за коалицијата.
„Парите не паѓаат од небо“, постојано повторуваат германските министри за финансии.
Пред пет години, кога државните приходи пресушија поради пандемијата, министер за финансии беше денешниот канцелар Шолц. А речиси истите зборови денеска се слушаат и од министерот за финансии од Либералната партија (ФДП), Кристијан Линднер.
Германската економија е разнишана: понекогаш се зборува за затворање погони и отпуштање вработени, понекогаш не е толку лошо како што многумина стравуваа дека ќе биде.
Прогнозите се сè уште повеќе од претпазливи: рецесијата можеби е зад нас, но растот веројатно ќе биде малку над нулата.
И според тоа, даночните приходи за 2025 година беа проценети и со тажен резултат: државната каса ќе има околу 11 милијарди евра помалку отколку што се мислеше – и на што многу министри веќе сметаа за нивниот ресор.
Огнениот противник на државното задолжување, министерот Линднер, затоа предупредува: сега е црно-бело, „нема финансиски простор во догледна иднина“.
„Моето министерство едноставно мора…
Ова е местото каде некои министерства можеби се чувствуваат повикани: министерката за развој Свења Шулче бара дополнителни 2 милијарди евра.
Нејзиниот сектор сепак мораше да заштеди премногу, а политиката на развојна помош е истовремено и гаранција за безбедноста на самата Германија.
Безбедноста секако е аргумент и на социјалдемократската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, која тврди дека повеќе не може да се заштеди во нејзиниот сектор. А потоа, тука е министерот за одбрана Борис Писториус кој би сакал барем 10 отсто повеќе во неговата каса да плати за повеќе луѓе во Бундесверот и подобра опрема.
Министерот за финансии на прес-конференцијата изјави дека штотуку разговарал со министерот за одбрана и го повторил своето мислење дека дури и рускиот напад врз Украина не може да биде причина Германија да се откаже од принципот на ограничување на државното задолжување.
-Парите на располагање мора да бидат доволни, но може да се распределат поинаку, нагласи Линднер.
А кога станува збор за националната безбедност, тој вели:
„Фискалната отпорност е исто така категорија на безбедносната политика. Кој има резерви во случај на криза е добро подготвен“.
Германската влада треба да го претстави својот буџетски план за 2025 година до 3 јули, но многу копја сепак ќе се скршат над него.
Затоа што следната година има и парламентарни избори во Германија, па има искушение да се „купат“ гласови.
Министерот Линднер, на пример, следната година не гледа можност за зголемување на социјалната помош и какви било социјални бенефиции, но тоа секако нема да му се допадне на социјалдемократскиот канцелар Шолц.
Накратко, тензијата околу буџетот за следната година веќе започна.