Како се ближат претседателските и парламентарни избори една работа е константна: расте рејтингот на ВМРО ДПМНЕ и, особено, на лидерот на партијата Христијан Мицкоски, а паѓа рејтингот на СДСМ додека рејтингот на претседателот на таа партија Димитар Ковачевски е под секое ниво на било кој досегашен претседател на СДСМ, со рејтинг од само околу 5%, што е дупло помал рејтинг од тој на партијата. Заклучок: СДСМ многу згреши со избор на Димитар Ковачевски за свој претседател кој ја влече партијата надолу, наместо да има рејтинг барем на партиско ниво.
Сосема спротивна ситуација е во ВМРО ДПМНЕ, партијата има рејтинг од 27%, а партискиот лидер Христијан Мицкоски 25%, дури пет пати повеќе од Димитар Ковачевски, што укажува дека лидерот на партијата е на ниво кое од него се очекува.
Кај другите партии забележлив е падот на рејтинг на ДУИ и, сега, коалицијата која ја предводи Али Ахемети има скоро ист рејтинг со коалицијата која ја предводи Изет Меџити, а како одминува времето можно е Европскиот сојуз за промени предводен од Меџити да има еднаков, или приближно еднаков број пратеници со ДУИ иако се формирани пред само неколку месеци.
Интересна е и споредбата помеѓу Левица, чиј рејтинг паѓа со месеци наназад и движењето ЗНАМ предводено од Максим Димитриевски. Двете партии се борат за гласови од сите граѓани но, базата од која примаат гласачи е од кампот на СДСМ и очигледно Максим Димитриевски има поголем успех од Димитар Апасиев.
Максим Димитриевски со скоро 9% доверба во јавноста е далеку пред Димитар Апасиев кој има рејтинг од само 7,3%. Партиските рејтинзи се речиси еднакави, со предност на ЗНАМ 5,5% во однос на Левица со рејтинг од 5,3%.
Тука е битно да се види дека Максим Димитриевски (9%), произлезен од СДСМ, има скоро дупло поголем рејтинг од сегашниот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски (5,6%).
На прашањата за тоа во кој политичар веруваат и во кој лидер на политичките партии имаат најголема доверба, според одговорите на испитаниците на двете листи на прво место е Христијан Мицкоски (25,1 % ). На овие прашања интересен е резултатот на Максим Димитриевски, претседателот на ЗНАМ, кој покажува поголема популарност од противкандидатот на претседателски избори Стево Пендаровски.
Арбен Таравари, исто така кандидат на претседателските избори, има дупло поголем рејтинг – 7,9% од кандидатот на ДУИ Бујар Османи – 4,0%.
Во албанскиот блок Али Ахмети е убедливо прв (11,6%), а на второ место меѓу Албанците и како политичар и како лидер на партија е Арбен Таравари (7,9% ). Оваа анкета покажува пад на популарноста на Димитар Апасиев и на неговата партија Левица.
Процентот на излезноста на граѓаните за гласање на претстојните парламентарни избори, во споредба со анкетата на мкд.мк лани во декември е во пораст. Дека на изборите на 8 мај ќе излезат на гласање одговориле 66,6 отсто од испитаниците (во декември овој процент беше 60%), сè уште не одлучиле 7,6 отсто од анкетираните, а со „не“ одговориле 25,7 отсто.
Според рејтингот на политичките партии, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е во убедливо водство – 27,2 %. Коалиција предводена од СДСМ би освоиле 10,7 отсто од гласачите, ДУИ – 8,7%, коалицијата Вреди 7,7%, ЗНАМ 5,5%, Левица 5,3%…
Анкетирањето беше спроведено од 15 до 24 март со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 99%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.