Во изминативе години, имаше многу случаи кога чисто етнички Македонци, или Власи се пишуваат по националност Албанци или Турци, или Срби, за да влезат во квотите за вработување во јавната администрација.
Добивај вести на вибер
Министерот за администрација и информатичко општество, Азир Алиу, најави дека ќе се стави крај на оваа пракса и дека секој административец ќе има свој етнички профил.
„За да се вработите во администрација ќе имате профил во агенција за администрација. Со отворањето на овој профил и забележувањето на вашата националност, ова ќе ви остане до крајот на животот, така што верувам дека е многу добар чекор да се види барем дека ако некој подоцна злоупотреби, ќе имаме јасна слика“, рече Алиу.
Нема конкретни бројки за етничко злоупотреби, но ги спомена случаите што ги дознал од медиумите каде „7 Македонци се изјасниле како Албанци“ за да си обезбедат работа во јавната администрација.
А за такви случаи медиумите пишуваат години наназад.
Во мај годинава на конкурс во Општина Куманово, осуммина нови административци на конкурсот за вработување конкурирале како етнички Албанци иако се етнички Македонци, со македонски имиња и презимиња. A1on пишуваше за овој случај.
Исто тако на јавноста и е познат случајот кога четворица етнички Македонци се пишале како Албанци, а двајца како припадници на други националности – само за да бидат примени во скопската пожарна. Тогашниот градоначалник за случајот велеше дека нема ништо спорно бидејќи националноста е личен избор на луѓето и слободно можат да ја изразат својата етничка припадност.
Познат е и случајот кога Дирекцијата за извршување санкции вработи раководител на сектор од македонската припадност, иако во конкурсот објавен од Агенцијата за администрација местото беше предвидено за Албанец. Кандидатката, веќе вработена во јавната администрација, конкурирала и беше примена за нова позиција, а се декларирала како Албанка.
Дилемата е како овие кандидати успеале да го „прелажат“ филтерот за националност, со оглед на тоа дека во изводите од матична книга на родени со која се аплицира јасно стои графа за етничка припадност.
Законот за јавни службеници предвидува повторување на огласот ако во првиот пат нема кандидати од бараната заедница.
Условите предвидени со закон во текот на постапката за пријавување, во фаза на интервју предвидуваат дополнителни точки во случај ако кандидат од друга етничка заедница познава и македонски јазик. Злоупотреба и лажно декларирање на кандидатите има и во други случаи.
Кога кандидатката веќе е прогласена за Албанка, тоа значи дека има кандидат кој ги има бодовите и е избран. За повторување на огласот, Агенцијата за администрација нема надлежности. Тоа треба да го направи соодветна институција.