Во училиштето „Ванчо Китанов“ во Пехчево ако те фатат со телефон, ќе го добиеш на 10 јуни

42

Донесовме одлука на наставнички совет која беше поддржана и од родителите и оттогаш, еве веќе 7-8 години, забраната функционира. Забрането е носење мобилен во училиштето! Како функционира забраната? Едноставно, ако некој биде фатен дека носи телефон, му се одзема и му се враќа на 10 јуни. Тоа го знаат и родителите и учениците. Им се кажува уште на првиот училиштен ден, споделува нашата соговорничка Магдалена

ООУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево е мало училиште, расадник на знаење и воспитание на младите жители од Општина Пехчево. Мало, но современо училиште кое нуди пријатна и топла атмосфера и ги подготвува учениците за предизвиците што ги носи новото време. Она по што ова училиште се разликува од другите е фактот што е училиште без телефони. Учениците не смеат да имаат телефони за време на настава и оваа забрана совршено функционира со години.

Нема видеоигри, допишување, фотографирање и снимање на час
 

За тоа што го натерало наставничкиот колегиум на оваа строга забрана на телефони, Магдалена Симовска, наставничка во „Ванчо Китанов“, ни сподели:

– По неколку злоупотреби на телефоните и типични примери за сајбер-булинг кои предизвикаа непријатности и кавги меѓу ученици, вмешување на родители и психолошко-педагошката служба во училиштето, по неколку кражби на телефони, потребата од забрана за носење телефон во училиштето сама се наметна. Донесовме одлука на наставнички совет која беше поддржана и од родителите и оттогаш, еве веќе 7-8 години, забраната функционира. Забрането е носење мобилен во училиштето! Како функционира забраната? Едноставно, ако некој биде фатен дека носи телефон, му се одзема и му се враќа на 10 јуни. Тоа го знаат и родителите и учениците. Им се кажува уште на првиот училиштен ден – вели Магдалена.

Според нашата соговорничка, има многу придобивки од оваа практика.

 

– Како прво, помалку главоболки, пред сè, за родителите, а потоа и за наставниците и психолошко-педагошката служба. Второ, учениците се посконцентрирани на материјалот што се предава. Нема видеоигри, допишување, фотографирање и снимање на час, а има повеќе дружба и смеа на одморите, нема кражби на телефони и непријатни сцени со родители и полиција, нема сајбер-булинг и недозволено фотографирање и снимање, исмевање на ученици, наставници или пак на училиштето како институција. На одморите учениците слушаат музика на компјутерите поврзани со електронската табла, по ходниците има дежурни наставници кои контролираат тоа да не излезе од контрола, а од друга страна ни овозможува нам, наставниците, да видиме каква музика слушаат и какви интереси имаат учениците. Често изборот на музика знае да се претвори во убава дискусија, особено со деветтоодделенците. На одморите излегуваат во училишниот двор, се дружат, играат фудбал, кога има снег, се лизгаат или се маваат со снежни топки, прават снешковци. Имаме катче во холот опремено со книги и меки фотелји кое учениците од одделенска настава, па и поголемите, редовно го посетуваат – раскажува Магдалена.

Целосна поддршка од родителите

Имало ученици што биле санкционирани и, се разбира, правило си е правило, телефонот им бил одземен и им бил вратен на 10 јуни. По неколку одземени телефони, учениците сериозно го сфатиле правилото.

– На учениците не им е по ќеф, нормално. Има и такви што веќе се навикнале и не им пречи воопшто, дури кажуваат дека им е подобро без телефон, додека има и такви на кои телефоните им недостигаат за да играат игри или да слушаат музика на одморите. Ние како наставници често разговараме на темата со учениците, особено на одделенски часови. И навистина има интересни дискусии и аргументи. Од родителите имаме целосна поддршка. И тие се свесни за последиците што ги носи со себе мобилниот телефон. На родителските средби им објаснуваме што сè може да се случи. Некои од нив и сами сведочат за непријатните ситуации и кавги, разговори со психолог и педагог, па и полиција и социјални служби – споделува Магдалена.

ООУ „Ванчо Китанов“ е современо училиште во кое се изведува кабинетска настава. Сите училници се снабдени со електронски табли, нови столчиња и клупи, современи надгледни средства по сите предмети, библиотека која постојано се надополнува со нови наслови.

– Можеме да се пофалиме со многу дипломи и награди од државни и меѓународни натпревари. Особено сме горди на нашиот мандолински оркестар, кој редовно се закитува со први награди и секаде нѐ претставува во најдобро светло. Учесници сме во многу државни и меѓународни проекти и имаме многу наградувани наставници – вели Магдалена.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content