Театарот „Војдан Чернодрински“ гостува во Гевгелија со претставата „Мистерија Буфо“

0

„ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во својата програма за работа во 2022 година, како организатор, ќе запише уште едно гостување на професионален театар во Гевгелија. Станува збор за изведбата на претставата „Мистерија Буфо“ од репертоарот на Театарот „Војдан Чернодрински“ при НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп. Изведбата е закажана за 13 декември, 2022 година, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот – велат од Домот на културата од Гевгелија“.

„Мистерија Буфо“ ги реактуелизира средновековните комични мистерии кои ги изведувале патувачките театарски трупи. Оваа претстава фрла мрачно-комичен поглед кон апсурдноста на секојдневните неправди, прикажува важни настани од религиозниот живот, но доживеани преку очите на обичните луѓе и случајните минувачи. Животот, чудата и страдањето на Исус се случуваат некаде надвор од сцената, додека во фокусот (барем, во поголемиот дел од сцените) е токму обичниот човек. Луѓето секогаш, па дури и во најтешките општествени прилики, наспроти сите прогласи и забрани, успевале да го изразат својот револт и своите потреби да критикуваат, да се бунат против оние кои ги угнетуваат и да се борат за подобрување на својата состојба. Токму во тоа се состои политичката моќ на средновековните религиозни драми: во субверзивната театарска моќ на патувачките изведувачи.

Во претставата играат: Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Марија Спиркоска – Илијески, Александар Тодески и Димитар Црцороски. Режијата е на Андреј Цветаноски, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Марта Дојчиновска, а за музиката одговорни се Томе Темелкоски, Димитар Ѓорѓиевски и ВИС „Војдан Чернодрински“. Драматургијата и преводот е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content