Денеска во Собранието се одржа јавна расправа за утврдување на предлог-листа од пријавените кандидати по Одлуката за објавување јавен оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
На јавниот оглас беа пријавени вкупно 11 кандидати, од кои осум ги исполнија условите утврдени со огласот. Кандидати кои го поминаа првичниот процес на селекција беа: Миле Стојановски, Јасна Оровчанец-Арангеловиќ, Исмаил Синани, Усеин Елезоски, Кадрије Мустафа, Жаклина Дамческа, Кристина Наќеска-Арсовска и Несиме Јашари-Љума.
Претседателот на Комисијата, Сајкоски, ја отвори седницата и ги запозна присутните со начинот на спроведување на постапката и текот на интервјуирањето на кандидатите. Воедно, ги информираше присутните дека кандидатите Усеин Елезоски и Кадрије Мустафа се неоправдано отсутни.
Покрај членовите на Комисијата и пратениците, во процесот активно учествуваа и претставници на граѓанскиот сектор, меѓу кои Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и други организации кои дејствуваат во областа на спречувањето и заштитата од дискриминација.
По спроведената постапка и разгледувањето на кандидатурите, за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од страна на Комисијата беше предложен кандидатот Исмаил Синани.
