Неодговорноста на надлежните ја минира инклузијата на децата со попреченост

34

Вклучувањето на децата со попреченост во образовниот систем е процес кој се запоставува, нанесувајќи огромна штета на децата и нивните родители. Иако средното образование е задолжително, и оваа учебна година започнува без образовни асистенти во средните училишта, реагира Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Соодветните законски измени ниту се донесени, ниту се знае кога би се усвоиле и стапиле на сила. Но, недостигот на политичка волја за справување со овој проблем се согледува и во тоа што Министерството за образование не знае ни точен број на средношколци кои би имале потреба од образовни асистенти. Тоа укажува дека инклузијата на децата со попреченост, како најранлива група во општеството, не е меѓу приоритетите на надлежните институции“, се наведува во соопштението.

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува претставниците на извршната и законодавната власт да ги донесат потребните законски измени, со кои ќе се регулира воведувањето ваква асистенција во средните училишта. Со оглед на тоа што учебната година е веќе започната, апелираат да се најде итно решение со кое ќе им се овозможат асистенти на сите средношколци со попреченост до донесувањето на законот.

„Иако неколку општини објавиле јавни повици за ангажирање на образовни асистенти преку програма за општокорисна работа, тоа ни приближно не ги задоволува потребите, а дополнително ги става во нееднаква положба децата од различни општини“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Комитетот смета дека меѓународните документи кои се ратификувани и од нашата држава се доволна правна основа за МОН да донесе итно решение со кое децата со попреченост ќе ја добијат неопходната асистенција за да бидат вклучени во наставниот процес. Политичките калкулации, блокадите во носењето закони и неодговорноста која се граничи со нехуманост не смеат и понатаму да ја минираат инклузијата на децата во општеството.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content