ТППЕ – Прилеп денеска доби донација од Дирекцијата за заштита и спасување. Станува збор за комплет спасувачки систем за стабилизирање и подигнување при елементарни непогоди (земјотреси) и комплексни сообрајќајни незгоди и сет за спасување од поплави.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески присуствуваше на примопредавањето на опрeмата и ја нагласи важноста на ваквата донација за ефикасно справување на ТППЕ –Прилеп со елементарните непогоди и за спасување.
– „Донацијата, технички ќе ја подобри оваа институцјата. Но, сметам дека во иднина треба многу повеќе да вложуваме за да имаме максимално подготвени противпожарни единици, кои ќе можат веднаш, ефективно да одговорат на потребите на граѓаните, кога се во прашање незгоди, пожари или елементарни непогоди. Овие високи летни темпертури се најчестата закана за пожари. Па, ова е период како институции, локални и национални, максимално да делуваме за поквалитетно функционирање на ТППЕ, и во технички и во човечки ресурси, за брза и навремена теренска интервенција во намалувањето на пожарите. Ние во иднина како локална самоуправа, пред се’ би работеле во насока на оспособување на теренските противпожарни возила кои не функционирале и претходно, но и на набавка и изнаоѓање на донација за поквалитетни противпожарни теренски возила, бидејќи техничкиот парк на оваа клучна институција за заштита на населението во Прилеп, долги години не е обновен. Инаку, просечна старост на возилата е преку 20 години“. – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој се заблагодари за донацијата што ја доби ТППЕ –Прилеп.
Градоначалникот при оваа прилика упати и апел до граѓаните, да внимаваат и совесно да се однесуваат кон природата поради високите температури, за да не се предизвикаат пожари на отворено, бидејќи како што истакна Јовчески и мало невнимание може да предизвика пожар од големи размери.
Инаку, ваква опрема имаат добиено 14 територијални противпожарни единици во состав на Републичките сили за заштита и спасување, од средствата наменети за купување опрема за пожарникарите.