Сто и десет земјоделски производители од Тиквешко се пријавиле за грант за набавка на нови трактори, а 23 апликации има за грант за жени носители на регистрирано земјоделско стопанство, велат за МИА раководителот на Подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Неготино Ѓорѓи Ајтов и советникот во кавадаречката Подрачна единица Драган Николов.
Грантовите се обезбедени преку Програмата за рурален развој.
Во Неготино се пријавиле шеесетмина за трактор и 12 жени земјоделки за грант, а во Кавадарци 50 земјоделски производители за трактор и 11 земјоделки за поддршка за набавка на опрема во земјоделството.
-За да се добие поддршка за трактор, треба да се има пријавено земјоделско стопанство со над два хектара земјоделска површина, а предност е ако се обработуваат житни култури. На земјоделските производители чиишто апликации ќе бидат прифатени, главно ќе им бидат исплатени половината од вложените пари за набавка на нов трактор. На младите земјоделски производители до 40 години, им се исплатуваат 55 проценти од вложената сума, а грант од 75 проценти од сумата за трактор добиваат оние, коишто стопанисуваат со парцели со отежнати услови за работа, објаснува Ајтов.
Тој нагласи дека грантови од по 6 000 евра ќе добијат жените носители на регистрирани земјоделски стопанства, за набавка на опрема за соодветно земјоделско производство.