Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници по повод Меѓународниот ден на труд:
Само солидаризирани во борбата, новинарите и медиумските работници можат да се изборат за своите работнички права и враќање на достоинството на новинарското перо, порача Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во видео-обраќање по повод 1 мај, Меѓународниот ден на трудот.
„Ако во земјава постоеја само десетмина новинари, седуммина ќе земаа потпросечна плата, четворица немаше ниту да имаат постојано вработување, туку ќе работеа со договори на дело. А кога шансите да добиете закани додека си ја вршите работата се 1:3, значи дека имате ризично работно место. Ова не се бројки, туку судбините на нашите медиумски работници“, вели Беловски.
„Сигурна работа значи достоинствено новинарство. Оној кој е социјално обесправен, оној кој е во подредена положба, оној кој е уценет со мизерна плата за опстанок – тој не е слободен. Токму на Меѓународниот ден на трудот сакаме да испратиме порака дека само сплотени и солидаризирани во борбата, ние новинарите и медиумските работници можеме да се избориме за нашите работнички права и враќање на дстоинството на новинарското перо“, порача Беловски.