Победата на Златибор во првото полуфинале значеше дека победникот од дуелот меѓу МЗТ Скопје и Широки ќе значи дека тој што ќе триумфира на овој меч ќе обезбеди место меѓу јадранската елита.
Тоа беше МЗТ Скопје, кој бодрен од своите верни навивачи „Фемили“ дојде до тој толку посакуван триумф и се пласираше таму каде што припаѓа.
МЗТ Скопје водеше во најголемиот дел од натпреварот, имаше и 13 поени разлика, но Широки постојано се враќаше и го однесе мечот во неизвесна завршница.
При водство на МЗТ Скопје од два поени разлика, Широки имаше напад на 25 секунди до крајот со кој можеше да го израмни резултатот или да победи. Гостите не реализираа, а потоа Војдан Стојановски беше фаулиран, ги даде слободните удари и ги постави конечните 75-71.
Потоа можеше да почне долгото славје на кошаркарите со навивачите кои грмеа во текот на целиот меч во салата „Јане Сандански“.
Најефикасен кај МЗТ Скопје беше Дамјан Стојановски со 17 поени, Дејвис постигна 14, Рикиќ 10. Најдобар во составот на Широки беше Билиновац со 20 поени.
Во финалето на завршниот турнир од АБА 2 лигата во недела од 19 часот ќе играат МЗТ Скопје и Златибор. Но без разлика на резултатот МЗТ Скопје оди директно во АБА 1 лигата, а Златибор ќе игра бараж со најслабиот српски тим на табелата од АБА 1.