Училиштата во државата се празни, а празни се и градинките, откако утрово со штрајк почнаа наставниците, учителите, професорите и воспитачите во градинките, кои бараат усогласување на платите по воведувањето на минимална плата од 18.000 денари.
Вработените во образованието денеска се во образовните установи, но седат во една просторија и штрајкуваат. Сепак, во градинките децата кои родителите одклучија да ги донесат се примаат, но со нив седи по една учителка.
Деца се примаат и во училиштата, но во зависност од нивниот број, сите седат во една училница, без разлика кое одделение се, а ги надгледува еден наставник.
За родителите денешниот штрајк претставва проблем, поради слабата комуникација со директорите на училиштата и градинките. Никој не ги извести и не им кажа како ќе помине денешниот ден. Не знаеја дали да ги носат децата во училиште или не. Наставниците кусо одговараа да следат медиуми, а во медиумите се пренесуваа ставовите на СОНК – штрајк ќе има, и оној од МОН и МТСП – децата мора да бидат згрижени. Дополнително, родителите се загрижени затоа што најавата од СОНк е дека штрајкот ќе трае додека не се договорат со Владата за зголемувањето на платите, па не се знае точно дали тој ќе проолжи и утре и понатаму.
Штрајкот во училиштата и градинките е почнат, од тоа што досега ми е пратено како порака од најголемиот дел колеги, така е како што планиравме. Во најголем дел или огромен дел се штрајкува без сериозни проблеми, изјави Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој денеска го почна генералниот штрајк во дејностите образование и детска заштита.
Подоцна денеска СОНК ќе има прес-конференција на која ќе информира за оценка за штрајкот и евентуално за проблеми.
Евентуално, ако имало конфликтна ситуација или вршење притисок врз оние што штрајкуваат да мора да се прифаќаат децата. Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги приморуваат штрајкувачите да прават тоа што не треба да прават за време на штрајкот, додаде Неделков.
Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК го организира бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на миниманата плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.
„Добро утро, добар ден почитувани колешки и колеги. Денес е денот,,Д”, ден кога ја започнуваме синдикалната борба за остварување на својте социјални права, за себе, за семејството, за дејноста, за учениците и родителите, за општеството….. Да бидеме храбри како што сме, сплотени и единствени и да стасаме што побрзо до посакуваната цел.