На државниот пат крак А1 ,делница Градско – Прилеп (Фариш-Прилеп), поточно после мостот на р. Раец кон Плетвар заради отпочнување со градежни активности од 28 февруари ќе има времена измена на сообраќајниот режим, известува „Стентон градба ДОО”.
Градежните активности се во врска со проектот Рехабилитација на државен пат А1, Делница Фариш-Прилеп и ќе трае во наредните 12 месеци.
Поради изведување на градежните работи ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На патниот правец А2 Свети Николе – Миладиновци на 10 км пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На учесниците во сообраќајот им препорачуваме внимателно возење.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови на возила, од 15.11.2021 до 01.04.2022. Од охридска страна, сообраќајот ќе се одвива до месноста Корита.
Од 15 ноември 2021 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март оваа година.