СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

ДЕНЕСКА СЕ ПРАЗНУВА СВ. НИКОЛА ЧУДОТВОРЕЦ: Еве што никако не треба да правите на овој ден

Според календарот на МПЦ, денеска во Христијанството се слави големиот празник Св. Никола Чудотворец архиепископ Мирликијски.

Свети Никола или Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.

Во Република Македонија, празникот Свети Никола се слави на 19 декември и на 22 мај како Свети Никола Летни.

 

Св. Никола е заштитник на градот Прилеп, согласно одлуката на општина Прилеп. Градот Свети Николе на овој ден го прославува својот градски празник, а голем број кумановци исто така го празнуваат празникот како семејна или домашна слава.

Култот на Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат сите христијани. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои што како што стои во некои записи го викале „Ад’рбаба”, што значи јадар татко или голем татко.

Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак во народното предание најповеќе е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа, пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода. Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица.

За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците. Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека „Свети Никола је на морињата – да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат”.

Стефан Тановиќ, пак во записите на обичаи и верувања од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал “поради дождови и поплави”, а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците, дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата сите би се удавиле.

На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот залив престанувал сообраќајот. И Е. Спространов во обичаите од Охрид забележал дека Свети Никола бил тој “шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј”.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content