На пригодна програма која ја подготвија учениците заедно со своите наставници, за ликот и делото на основоположникот на македонскиот литературен јазик, присуствуваше градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, претставници од основните и средните училишта, ученици, родители и врабатотени во оваа образовна установа.
Ангелка Баракоска, директор на ООУ „Блаже Конески“ истакна дека училиштето го карактеризира посебен дух и дека тоа е препознатливо по квалитетот на работата, образовните услуги и постигнатите успеси.
„Оваа година нашето училиште ја помина во знакот на 100 годишнината од раѓањето на овој великан заедно со фондацијата „Небрегово“. Се зборуваше многу за делото на нашиот великан, се зборува и уште многу ќе се зборува. Тоа не прави да бидеме силни и горди што го носиме името на овој великан. Пред нас е предизвикот да вложуваме како тим и од оваа установа да пласираме млади индивидуи кои достојно ќе не претставуваат преку нивните професии и секако ќе раскажуваат за нашето училиште, за нашите вработени кои се секогаш на ниво на професионализам бидејќи без нив нема да сме тоа што сме како институција. Личности кои ќе знаат како да го зачуваат и негуваат светото во нашата татковина“, истакна директорката на ООУ „Блаже Конески“, Ангелка Баракоска.
Честитајќи им го патрониот празник, градоначалникот Борче Јовчески потенцира дека е чест и привилегија , современиците на великанот на македонската култура, јазик и книжевност да ја одбележат 100 годишнината од неговото раѓање.
Во знак на почит кон ликот и делото на Конески пред почетокот на пригодната програма со која беше одбележан патрониот празник на основното училиште, делегација од општина Прилеп, предводена од градоначалникот Јовчески и претставници од основното училиште положија свежо цвеќе пред бистата поставена во холот на училишната зграда.