Денеска истекува рокот за пријавување за гласање во вториот круг на изборите на лицата со Ковид-19 и во изолација. Болните и немоќните, лицата со Ковид-19 и во изолација, како и затворениците, лицата во притвор и во старските домови гласаат еден ден пред изборите, односно на 30 октомври.
Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, вчера од Кочани ги повика граѓаните да се обединат, околу политиките што гарантираат напредок, економски раст и подобар животен стандард, најавувајќи дека од први јануари минималната плата ќе биде 18 илјади денари.
Согласно економските движења и растот на економијата, од први јануари минималната плата ќе биде 18.000 денари или триста евра. Тоа е логична претпоставка имајќи предвид дека растат платите во сите сектори, дека расте просечната плата во континуитет. Државниот завод за статистика објави дека просечната плата за август оваа година изнесува 28.642 денари, што е за четири отсто повисока од истиот месец од претходната година, Тоа е правецот во кој треба да се движи нашата земја, нашата економија и нашето општество. За да се одржи тој континуитет, за да продолжи помошта кон граѓаните, кон стопанството, треба да се избере опцијата која води напред, истакна Заев на трибина со граѓаните во Кочани.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера на средбите со граѓаните на Охрид, Пештани, Рача, Елшани и другите населени места ги повика на голема масовност и на 31 октомври да изберат нова иднина, како што рече, „иднина на проекти, победи и на промени“.
Тие што ветуваа живот за сите, се прават за да немаме општество за сите, туку да бидеме што поподелени, осиромашени, обесхрабрени, луѓето да бидат без волја и верба во системот. Лекот за тоа е новата иднина, затоа велиме, да изградиме нова иднина. Ние нема да ја вратиме Македонија назад туку ќе ја однесме во 2022 и во ЕУ со успеси, многу реализирани проекти, силна економија и подобар живот за сите, рече Мицкоски.
На мини митингот во Вевчани, пак, Мицкоски побара масовна поддршка од граѓаните за промени.
Влегуваме во финишот на овие избори, кои ја определуваат нашата посветеност кон промени за постигнување на она што заеднички ни е потребно, а тоа е нова иднина, истакна Мицкоски во Вевчани, од каде ја побара довербата на вевчанци за поддршка на кандидатот за градоначалник Спасе Кочовски и повика на масовна излезност в недела на 31 октомври.
Време е да ги надминеме разликите и да се мобилизираме и обединиме, да покажеме слога и заедништво во намерите да се направи подобро. Потребни сме и сите на Македонија. Потребни сме сите заедно да се бориме рамо до рамо и само така ќе успееме сложно. Ако пропадне вашиот глас и останете дома тие ќе успеат и ќе мислат дека ве надмудриле. Ќе мислат дека добро правеле досега и ќе се охрабрат во се она што го прават, а сите нас не тишти и го сметаме за лошо и погрешно. Да покажеме дека самите сме господари на сопствените судбини и дека никој, ама баш никој ја нема нашата волја во џеб за да си поигрува со нејзе, истакна Мицковски.
Во своето обраќање тој се осврна на вчерашниот говор на лидерот на СДСМ Зоран Заев, во кој најавува промени, забележувајќи дека тоа го прави само поради изборите и оти ќепродолжат со старото однесување.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети на синоќешната средба со жители гостиварското село Дебреше рече дека општините им се потребни за спроведување на зелената агенда.
За овие дваесет години направивме многу за сите. Не знам како другите излегуваат да кажат дека ВМРО нè поддржува, а тие се со ВМРО во моето Кичево и Гостивар. До вчера се навредуваа, а денес се здружени заедно. Потребна е комуникација, но не и поддршка од нив. Сакаме целосна еднаквост без предрасуди. Ценам дека вие ќе одлучите за сите околу илјада гласови во Дебреше и мораме заедно со Невзат Бејта да се ангажираме Дебреше да ги придвижи работите на подобро, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Според Ахмети, ДУИ отвориле ново поглавје „зелена агенда“ во која покрај прогласувањето на Шар Планина за национален парк влезени се и Коридорот 8 гасификацијата и повеќе капитални инвестиции. За нив, како што нагласи, потребна е локална поддршка.
Двајцата противкандидати за главниот град, актуелниот и кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ и Коалицијата Петре Шилегов и независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Данела Арсовска, со ветувања за подобар живот на скопјани.
Шилегов оствари средби со граѓани на Бутел каде што потенцираше дека Бутел е општина со најбрз развој во изминатите четири години.
Како што кажа, во план е пробивање на булеварот „Хрватска“ и продолжување на булеварот „Словенија“ до Ѓорче Петров, и со тоа, вели, северниот магистрален прстен конечно ќе стане целина.– Со тоа се остварува долгогодишниот сон за поврзување на Бутел и Автокоманда со булеварско решение од булеварот „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“ до „Естекада“. Новиот булевар оди заедно со нови линии на јавниот превоз, нови велосипедски и пешачки патеки, најави Шилегов.
Шилегов истакна дека изградбата на паркови, културни објекти и јавни содржини кои обединуваат луѓе не смее да запре и ги повика граѓаните да излезат на изборите и да гласаат.
Арсовска, пак, на средби со граѓани од Кисела Вода, рече дека Кисела Вода ќе стане урбана населба според програмата што ја нуди.
Програмата е направена според вашите потреби, секојдневните проблеми, маки и барања за решенија. И затоа ќе почнеме да работиме уште од првиот ден и за 82 дена ќе биде многу направено, што некој не успеал да направи ни за четири години, ние тоа ќе го направиме за 82 дена. А останатиот дел, поголемите и покрупни проекти ќе бидат решени уште во првата половина од мандатот. Ако нешто се сака и се може, а сите овие барања се потребни и затоа проектите се реални и остварливи, истакна Арсовска.
Таа им порача на жителите на Кисела Вода дека обврска на Град Скопје е генералниот план да им го даде на увид на граѓаните, да знаат што се планира и што ќе се гради во иднина.