СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Политика

Усвоен ребалансот на Буџетот

Повеќе пари за здравството, капитални расходи, економијата и граѓаните со усвоениот ребаланс на Буџетот.

Повеќе приходи во буџетот, повеќе средства за капитални расходи, за мерки за поддршка на стопанството и граѓаните поради ковид-кризата, за здравството, земјоделството, за редовна исплата на плати и пензии и социјални права, се обезбедени со ребалансот на Буџетот за 2021 година што го усвои вчера Собранието.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Р Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари и се за околу 10 милијарди денари или за 4,7 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти, односно за околу 21,2 милијарди денари повисоки во однос на планот. Планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП.

 

Ребалансот за 2021 е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата, рече министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението на Ребалансот на Буџетот. Фискалниот стимул за стопанството и граѓаните, најави, продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст.

Дополнителни три милијарди денари се обезбедени за земјоделскиот сектор, 685 милиони денари за заштита на животната средина преку новата Програма за зелен развој, дополнителни 416 милиониони денари за социјалниот сектор за исплата на надоместоци за детска заштита и социјални права, 200 милиони денари за средства за студентски оброк, како и за поврат на ДДВ 880 милиони денари.

Со направените измени обезбедени се дополнителни средства наменети за здравството, инсулин за инсулино-зависни пациенти, набавка на вакцини преку COVAX механизмот, набавка на возила за транспорт и фрижидери за чување на вакцините и средства за опремување на вакциналните пунктови, како и набавка на опрема за испитување на квалитетот на мазутот што е во насока на обезбедување на чиста животна средина. Обезбедено е зголемување на средствата кои се наменети за поддршка на туризмот преку користење на ваучери за туризам, санирање на проблемот со Студенчишко Блато, поставување заштитна ограда на река Отиња, изградба на дел од водоводната инсталација за населено место Студеничани, изградба на резервоар, пумпа и бунар за снабдување со чиста вода за пиење за населено место во село Стрмница, општина Желино, како и обезбедување дополнителни средства во земјоделскиот сектор за мали семејни винарии.

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 30 милијарди денари или за 5,7 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи при што порастот од 24 отсто на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата, како што се 615 милиони денари за бескаматни кредити преку Развојната банка за најпогодените сектори, 300 милиони денари за кредитна гарантна шема преку Развојната банка, 610 милиони денари за формирање Фонд за поддршка на извозни компании преку Развојната банка, 500 милиони денари капитали расходи за ИПАРД рурален развој, 90 милиони денари за инвестиции во спортски објекти, 60 милиони денари за социјална населба во Струмица и 120 милиони денари за клучката Словенечка, 55 милиони денари за детски градинки и социјални центри, 123 милиони денари за реконструкција на јавните здравствени установи.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content