Единствевно овошките можат да издржат подолго без вода, затоа што црпат влага од долните слоеви на почвата, но сите други култури се засегнати од сушата. Агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР ги советува земјоделците да ги наводнуваат нивите во раните утрински часови или попладне со цел да има максимална искористеноста на водата.
„Ако се наводнува напладне може да има спротивен ефект затоа што во тој период од денот почвата е топла. Агрометеоролошката прогноза е неповолна. На сите раноградинарски култури им треба наводнување за да се спасат на овие високи температури. 70 отсто од културите имаат корен во површинскиот слој од почвата каде нема влага. Оние локални дождови кои неодамна паднаа беа добредојдени, а такви ќе имаме и за време на викендот. Тие беа проследени со невреме, но добро е што немаше град. Инаку просечните температури за овој месец се 36, 37 степени, но можеме да кажеме дека имаме тропски ноќи, затоа што и ноќе температурата не паѓа под 20 степени“, рече Ангелески.
Бончо Божиков од струмичкото Дабиле вели дека од 520 куќи колку што има селото, скоро секое домаќинство се занимава со земјоделство. Во овие топли денови, земјоделците имаат полни раце работа, но и трошоци за купување на гориво.
„Се наводнува на секои два дена. Повеќето земјоделци имаат засадено капија, и за неа се потребни поголеми количини вода. Од 6 наутро па до 10 часот може да се наводни површина од еден декар на отворено, но зависи кој колкава површина има засадено“, рече Божиков.
До петок ќе преовладува сончево и многу топло време. Во петок кон крајот на денот ќе има изолирана појава на краткотраен дожд, а за време на викендот и во почетокот на идната седмица ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи. Температурите од петок ќе се намалат.