СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Проверете дали ви е платен стажот за да не чекате пензија со месеци

Се случува некоја од фирмите во кои луѓето работеле во тек на работниот век да не плаќале придонеси за пензиско или, пак, придонесите да се платени, но во Фондот за пензиско да нема доказ за тоа. Граѓаните сами треба да ги обезбедат овие документи кога поднесуваат барање за пензија.

Ако сте блиску до пензија проверете си дали целиот стаж ви е платен за да не чекате додека да ви ја одобрат пензијата, советуваат во Фондот за пензиско осигурување. Се случува некоја од фирмите во кои луѓето работеле во тек на работниот век да не плаќале придонеси за пензиско или, пак, придонесите да се платени, но во Фондот за пензиско да нема доказ за тоа. Овие документи не ги прибира Фондот по службена должност, туку треба да ги обезбеди идниот пензионер од фирмите во кои работел. Ако фирмата пропаднала, документите се наоѓаат во Државниот архив.

Директорката на Фондот Билјана Јовановска вели дека ако документите се комплетни решението за пензија се носи за неколку дена, најдоцна за 30 дена од поднесувањето. Проблем може да настане кај оние кои имаат стаж во странство или во некоја од поранешните југословенски републики, особено ако без тој стаж не е исполнет минимумот од 15 години стаж за да може да се оствари право на пензија, вели таа. Тогаш се чекаат документи од странство и постапката може да се одложи со месеци. Ако има барем 15 години стаж, може да се донесе привремено решение за пензија додека не се комплетираат сите документи, по што се носи конечно решение.

 

„За да може странката побрзо да го оствари правото на добивање пензија, најдобро е, пред да ги исполни условите за пензија, односно за поднесување барање, да извади листинг од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, или преку веб-страната на Фондот, откако ќе подигне корисничко име и лозинка, но може и преку uslugi.gov.mk со најава преку корисничкото име и лозинка издадени од УЈП, во секој момент да извади листинг од кој ќе утврди дали нешто недостига за сето тоа да го регулираме во периодот пред странката да се стекне со правото да поднесе барање за пензија“, вели Јовановска.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова вели дека одобрувањето на пензијата се чека кога луѓето талкаат да си ги приберат потребните документи.

„Има и една друга околност којашто и Сојузот ја предлага, а тоа е за сите осигуреници, на 3 или 5 години пред остварување на правото на пензија, да се утврдат податоците во матична евиденција. Тоа значи да бидат валидни податоци за пресметување на пензијата врз основа на платите и стажот и кога ќе треба осигуреникот да оди во пензија, тој само за тековната година да достави податоци“, вели таа.

Јовановска вели дека Фондот очекува до крајот на годинава да ги преземе податоците за пропаднатите фирми од Државниот архив и да ги внесе во нивната база на податоци за граѓаните во иднина да не ги бараат тие докази. Таа вели дека се работи на тоа Фондот директно да ги презема податоците за граѓаните од различни државни институции, одјави за вработување, изводи, умреници итн. за да се скрати процедурата. Очекува тој процес да заврши за една година.

 

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Messenger icon
Пишете нѝ на Фејсбук!
error: Содржината е заштитена !!
Skip to content