СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Култура

Во Барово гостите спијат во вински буриња, гушнати со природата

Од уникатното сместување во вински буриња, до раскажување на приказни за виното, откривањето на природни и културни убавини на пределот, уживањето во врвно вино и прекрасна храна, велосипедизам и авантуризам, сè ова го најдовме во винскиот камп Барово.

Винскиот камп на лозовите насади во Барово е целосно завршен и подготвен да пречекува гости во дванасетте вински буриња кои се адаптирани за преноќување, како и дополнителните елементи, како соблекувални, туш кабини и мини кујна.

Дел e од поголем проект за еногастрономски туризам, во чии рамки, освен овој вински камп, беа развиени и апартманско сместување во Лепово, како и вински бутик во Кавадарци. Дополнително, во соработка со локалното население и невладините организации, трaсирани се и велосипедски патеки во Барово и идентификувани се други интересни активности за туристите што ќе го посетат винскиот камп.

 

Исто така, винскиот бутик во Кавадарци претставува уникатна содржина зашто е мултифункционален простор, каде што освен дегустација на вино во комбинација со храна, посетителите можат да добијат информации за туристичката понуда во регионот, да се запознаат со експонатите во изложбениот простор кои раскажуваат за извонредниот потенцијал за производство на вино во Тиквешкиот регион, како и да изберат од понудата на сувенири изработени од локални уметници и занаетчии.

Со престој во винскиот камп во Барово туристите ќе можат да ја запознаат прекрасната природа на планината Кожуф, среде лозови насади кои се простираат на 700 метри надморска височина, да уживаат во погледот и во чистиот воздух. Целиот концепт е осмислен на начин да може гостите да бидат дел од природата и во постојан допир со неа.

За сместување, тука се автентичните репарирани вински буриња од природни материјали кои се вклопуваат во чистата и природна средина. Туристите можат да го истражуваат пределот на велосипед, по трите патеки со различна должина, да посетат локално бачило, да се запознаат со начинот на производство на виното и да ги вкусат вината создадени од грозјето одгледано на лозјата во Барово.

Регионот нуди и многу културни и историски знаменитости, што секако се дел од понудата, зависно од интересот на гостите. Местото е одлично за индивидуални посети за сите оние што сакаат да избегаат од бучавата и брзото темпо на живот во урбаните средини и да уживаат во мирот и тишината на недопрената природа и притоа да имаат можност да уживаат во прексрасна храна и вино, во спортски активности или друг тип на рекреација.

Во целокупната понуда, храната е неизоставен и многу значаен дел за заокружено доживување, а тоа организаторите го постигнуваат со начинот на кој е приготвена и послужена, како и со состојките што се користат. Се користат што е можно повеќе намирници од локални производители, а има и локални специјалитети, интернационални јадења или комбинација. Доколку се организира приватна прослава или настан, готвачите ќе готват на отворено, пред гостите, истовремено забавувајќи ги со своите вештини. Можни се и организации на пикник во природа, што претставува еден поинаков начин на уживање во храната.

Има и активности. Може да се избере винска тура за запознавање со приказната за виното, со начинот на производство, како и да се посетат винарниците „Тиквеш“ и „Домен Лепово“. Оние што сакаат да бидат физички активни, може да бидат дел од тура што нуди возење велосипед или пешачење по планината Кожуф, со вклучени посети на локални производители на храна. Има и трета група на активности, кои ги вклучуваат локалните историски и културни знаменитости и забавни и истовремено едукативни активности, како посета на работилница за копаничарство, за сликање со вино, за готвење и слично.

Цените на пакетите на услуги зависат од типот на содржините што ќе бидат избрани од гостите, а понудите ќе се моделираат во зависност од нивните интереси и потреби. Се очекуваат и домашни и странски туристи, и тоа љубители на виното, на одлична храна и на природата. Домашните туристи се повеќе заинтересирани за викенд-посети, или тим-билдинг и групни настани, додека странските туристи се претежно заинтересирани за истражување на помалку познати, еколошки предели, за запознавање со локалната култура и за практикување на алтернативни спортови.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Прочитај повеќе:
Close
Back to top button
Skip to content