Заради протоколите ќе се поделат бесплатни влезници, кои заинтересираните ќе можат да ги подигаат од билетарницата на Центарот во среда од 9 до 11 ч и од 18 до 20ч. и во четврток од 10 до 12 ч.
Програма за концертот
1. ТИ ЛИ СЕ НАЈДЕ ЛЕНО МОРИ – солистка: СУЗАНА СПАСОВСКА; 2. НЕ МИ СЕДИ КОКОНО – солист: ДРАГАН НИКОЛОВСКИ; 3. ГУГУТКА ГУГА У ГОРА – солистка: ГАБРИЕЛА НОВЕВСКА; 4. ПОДРАНИЛА ЦЕНА – солист: ДАЛИБОР ЃОШИЌ; 5. АЈ ИЗНИКНА МИ БАДЕМ ДРВО – Солистка: ЕЛЕНА АНДОНОВСКА; 6. КИРАЈЏИЧЕ, ЈАБАНЏИЧЕ – Солист: КИРИЛ МИТОСКИ; 7. ОРКЕСТАРСКИ СПЛЕТ – Оркестарот на „Танец“; 8. СЕДНА ЛУДО ДА ВЕЧЕРА – Женско вокално трио; 9. РАНИЛА МОМА – Машко вокално трио; 10. АЈ ЃОРУШИЦЕ – Солистка: СУЗАНА СПАСОВСКА; 11. МОРИ МОМЕ МАЛОЈ МОМЕ – Вокален дует: СУЗАНА СПАСОВСКА И ДАЛИБОР ЃОШИЌ;
12. ЛИЛЈАНО МОМЕ УБАВО – Вокален дует: ГОЦЕ ЦОНЕВСКИ И ПЕТАР МЕХАНЏИСКИ; 13. МОМЕ СЕДИ НА ПЕНЏЕРИ – Женска вокална група; 14. ЌЕ ТЕ МАЖАМ ЗОРЕ – Машка вокална група; 15. САЛ СИ ОДАМ, САЛ СИ ПИТАМ – Мешана вокална група
Настапуваат: Оркестарот, хорот и солистите на ансамблот „Танец“; Раководител на оркестарот: Дарко Илиевски; Раководител на хорот: Гоце Цоневски
ЗА ТАНЕЦ
Ансамблот „Танец“ повеќе од седум децении е симбол на македонската култура и уметност, седум децении е амбасадор на македонското музичко-сценско фолклорно творештво и седум децении е подвижен музеј на нашата духовна култура насекаде низ светот.
Формиран е на 24 март 1949 година со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство – ората, песните, инструментите, обичаите и носиите, и музичко-сценски соодветно да ги претставува во земјата и надвор од неа.
Со именувањето на првиот директор Емануел Мане Чучков, началникот на музичкиот оддел Живко Фирфов и раководителот на играорниот кор Рафе Живковски, веќе првата година од дејствувањето на ансамблот била година исполнета со многубројни активности, селекции, аудиции, патувања низ земјата заради пополнување на неговите редови и собирање на автентични народни носии, но и година на поставување на основната програмско-репертоарска концепција. Оттогаш, па наваму сè е веќе историја. 71 блескави години проткаени со илјадници концерти, антологиски кореографски поставки, недобројни успеси, милионски аудиториуми и бројни награди.
„Танец“ е македонскиот бит, но и македонската должност кон него. „Танец“ се сите генерации врвни ороводци и солисти, играорци, песнопојци, инструменталисти и раководители. Сите тие, веќе 72 години посветено се грижат за народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го преточуваат македонскиот бит пред светот. „Танец“ е нашиот бренд. Тој ја освојува публиката каде и да настапи, ја освојува со својата професионалност, со високиот уметнички впечаток, со органската убавина на нашето наследство.
За квалитетот и уметничката вредност на „Танец“ говорат и сите громогласни аплаузи од публиката, сите позитивни одгласи од критиката и големиот број стручни и општествени награди, дипломи и признанија, меѓу кои и престижните награди „11 Октомври”, „Климент Охридски” и „13 Ноември”. Оттука, претставува престиж „Танец“ да се има во својата концертна програма на домашните сцени, но и насекаде низ светот.