Распродажба на пасоши во македонското соседство – само да се докаже „соседското“ потекло

„Грција има потреба од вас. Зајакнете ја вашата врска со вашата татковина”, пишува во јавната објава на грчката амбасада во Скопје, со линкови како може да се аплицира, условите и документите што се потребни. Основните чекори за процесот на добивање грчко државјанство, се или преку родител или баба/дедо од грчко потекло.

Процесот започнува во грчкиот конзулат во место на живеење, каде што можат да ги добијат потребните упатства за секоја фаза, се наведува во објавата.

Запознатите со оваа кампања на Грција, велат дека ова не е стара историска кампања, туку е дел од поновата иницијатива на грчката држава насочена кон Грците во дијаспората и лицата со грчко потекло. Кампањата почнала да се користи по реформите во постапките за стекнување државјанство во периодот 2023–2024, кога Министерството за надворешни работи и Генералниот секретаријат за државјанство започнале поинтензивно да ги информираат потомците на Грците дека можат полесно да го утврдат своето право на грчко државјанство.

Многу е веројатно дека овој повик за „зближување со татковината“ е објавен на веб-страниците на сите дипломатски претставништва на Грција низ светот, но ваквиот „циркуларен повик“ во Македонија предизвикува низа сомнежи, кои на прв инстинкт – наведуваат на помислата за модерен обид за асимилација. Ваквиот повик за докажување на грчкото потекло, ставен во контекст на комплицираната историја на македонско-грчките односи која трае повеќе од еден век, а кулминираше со Преспанскиот договор, (деградирачки за македонскиот национален идентитет и држава), неизбежно ги активира прашањата за можноста и правото на т.н. Егејци (родени и прогонети од Грција за време на Граѓанската војна 1947 година) и нивните наследници да добијат грчко државјанство, задржувајќи ја македонската национална припадност. Многу трик-прашања се отвораат со оваа навидум великодушна покана на веб-страницата на грчката амбасада во Скопје.

Имено, законската основа е во грчкиот Законик за државјанство, а одредбите се однесуваат на лица кои имаат грчки родител, дедо, баба или друг грчки предок, ако можат со документи да го докажат потеклото и континуитетот на матичните записи.

Откако ќе се потврди грчкото потекло на апликантот, конзулот дава мислење за тоа дали апликантот ги исполнува основните услови, документирајќи го неговиот етнички грчки статус, откако ќе го земе предвид неговото познавање на важни тематски области што се однесуваат на Грција и нивото на национална свест, со што ќе се утврди неговиот вистински интерес за стекнување грчко државјанство. Притоа, сепак постоењето на грчка совест мора да се утврди кај засегнатото лице.

Просторот за сомнеж во „чесните намери“ на оваа понуда за уште едно соседстко државјанство во Македонија е проширен, поради актуелните манипулации на Бугарија со државјанствата и пасошите што им ги издаваше на Македоците, откако стана членка на ЕУ. Дваесет години подоцна, со бројката на тие издадени документи ја уценува Македонија со уставни измени за почеток на преговори со Унијата, истовремено манипулирајќи го Брисел со приказни за „бугарското потекло“ на Македонците.

Пандорината кутија ја отворија незнајковци кои не можеа ни да ги предвидат штетите на нивните кусогледи ‘решенија’ и договори. Бугарите со години веќе роварат, нудат и прават прием на нови државјани, ама до сега немам чуено сериозна анализа за целта на оваа политика: дали е битка за бројки (на пример за зголемено гласачко тело во ЕУ избори), компензирање за намалени работни капацитети оти нивните граѓани се селат низ Европа, злоупотреба на системот на ЕУ за ревизија на историјата, или од сите по малку. Оваа анализа мораше да ја направат наши стручни тимови кои имаат податоци и желба да го разберат феноменот, за да го спречат. Таков сериозен пристап се немаше, туку само дневно-политичко поликантство и површни мерки и предлог закони. Без анализа. Без јавни дискусии и барање одговори од тие што имаат двојно државјанство. Да знаевме малку повеќе, ќе знаевме зошто Грција би имала корист и како планира да го спроведе тоа со доделувањето државјанства“, вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.

Таа предупредува дека игнорантскиот однос на ЕУ спрема овие практики на своите земји – членки за делење пасоши само му оди во прилог на растечкиот етнонационализам на нејзина територија.

Во недостаток на официјални инфомации и изјави, и со многу резерва, сепак треба да се земат предвид досегашните практики. Бугарските пасоши се реалност. Нашата влада, која нема ниту намера, ниту капацитет, требаше до сега да знае, да го разбере овој феномен и да го информира Брисел дека нејзини членки делат ЕУ-пасоши вон нивната територија немајќи скоро никаква контрола врз тие граѓани. Молкот на ЕУ и притисокот за уставни промени се исто така реалност. ЕУ ова може да го реши со брзина на светлост не заради тоа што се грижи за Македонија, туку за да не дозволи етно-национализмот да зафати уште подлабоки корени во нејзините рамки, меѓу нејзините членки. Ако ЕУ му даде на македонскиот пасош вредност со која луѓето ќе можат да живеат, работат и непречено да се движат во ЕУ, за помалку од месец дена стотиците илјади бугарски пасоши (новата влада спомнува над 250.000) ќе станат минато. Другата опција е ЕУ да мижи и да молчи. Ама Украина гледа. Молдавија исто. Така се урива легитимитет и тапшањето по рамо станува сѐ побезначајно, а на периферијата растат етно-национализми оти либералната Унија нема моќ ни со вакви очигледни случаи во својот двор да се справи. Во оваа клима ЕУ мора да ги гледа и малите симптоми на раздор, на етно-национализам и злоупотреби кои ги прават нејзините членки и оживуваат духови од европската црна и крвава историја. ЕУ е проект со кој требаше да се надминат концептите на изолирачки суверенитет, феудален поредок, територијални освојувања и превласт и да се заменат со демократски процеси, инклузивност, солидарност, прогрес и социјална одговорност. ЕУ мора, заради себе, не заради нас или дека многу нѐ сака, да застане во одбрана на системот на вредности кој е под агресивен напад од политички профитери кои не ги гледаат долгорочните последици туку следниот изборен циклус“, проценува и порачува професорката Мантон.

Јасминка Павловска

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content