Гласањето по извештајот на репортерот за Македонија Томас Вајц ја отвора дилемата дали Европската Унија се уште се темели на различноста, мултикултурноста и демократијата со кои се гордее и се основа на кои функционира.
Двата обида на Вајц за расчистување на ситуацијата со спорниот втор протокол од меѓувладината комисија Македонија-Бугарија и улогата на заедничката историска комисија не дадоа резулат. Првиот, барање до Советот на ЕУ да толкува дали таквата преговарачка рамка може да биде причина за ново вето од Бугарија за идентитетски и историски прашања. И вториот обид за бришење на параграфот 73 со кој и се дава сила токму на комисијата да одлучува дали Македонија ќе оди напред или не.
За првото барање од Советот одговор се уште нема, па дури и претседателот Антонио Кошта, ја смени реториката по посетите на Софија и Скопје. При првата ја разбра потребата од гаранции кои ги бара македонската влада, а при втората го забошоти кажаното со потврда дека уставните измени се единственото барање за отворање на преговарачкиот процес. Чудна игра на зборови, освен ако зад кулисите не се одвива активност за надминување на статус кво ситуацијата.
Одлуката на европарламентарците, пак не треба да изненадува. Највисокото законодавно тело одамна го изгубило кредибилитетот на демократска институција и се претвори во пазар за гласање и одлуки според потребите на членките на ЕУ по принципот ,,јас на тебе, ти на мене‘‘.
За тоа говори и реакцијата на европратеничката од Словенија со македонско потекло Ирена Јовева. Таа во реакцијата посветена токму на неразумниот параграф 73 прашува: ,,Интерпретација на минатото! Што сме ние, историска академија или европски парламент? Европската унија е создадена за да можат народите заедно да ја градат иднината, а не за да издава сертификати за постоење на народи‘‘. И разбирливо! Во сите спорови што ги имаше и нејзината матична држава, но и другите кандидати за членство, околу територијални прашања, поморски премини и слично никаде и никој не се осмели на другата нација да и кажува која е, на кој јазик зборува и каква историја пишува!
Каква апсурдност на еден извештај кој од една страна наведува дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачката рамка, а од друга страна не се брише параграфот 73 кој го билатерализира процесот.
Од една страна се повикува на задничка историја, на итни и издржани резулатати на заедничката историска комисија, се осудува замена на историските споменици и артефакти, вклучително и уништување на автентичното културно богатство меѓу кое и фалсификување на бугарските натписи. Од друга страна се бара бришење на сите историски споменици и натписи за злоделата на бугарскиот фашистички окупатор. Класичен пример на политичко силеџиство на посилниот над послабиот, на тој кој е внатре, над тој кој е надвор од ЕУ.
Ако идејата на договорот за добрососедствво, на вториот протокол и на историската комисија била таа, тогаш подобро да се откажеме од сите нив. Тоа што зачудува е како претходната влада на СДСМ и нејзините првенци не ги видоа stapicite, и покрај укажувањата од тогашната опозиција? Или не сакаа? Ако не сакаа, зошто, за грст пари? Тоа што зачудува е како не гледаат и сега по се што се случува на релација Скопје-Софија-Брисел, па лидерот на СДСМ Венко Филипче по повод извештајот и натаму тврди: „Се претставува европскиот пат како некое загрозување на нашиот идентитет, со што луѓето се исплашени‘‘. Навистина како Филипче не препознава дека во Европа се нарушени основните постулати дека се почитува сечија различност, идентитет и јазик, барем од дел од членките?
И констатацијата на Вајц дека е важно што Скопје и Софија почнале да комуницираат, паѓа во вода веќе при првата изјава на новиот бугарски премиер Радев кој одбива средба со премиерот Мицкоски и го упатува на Брисел.
