Сиљановска-Давкова: Преку статусот и работата на Врховниот суд често се цени состојбата во целокупното судство

Независноста на судството, довербата на граѓаните и потребата од подобра комуникација меѓу судиите и јавноста се во фокусот на XVI Годишна конференција на претседатели на врховни судови од Централна и Источна Европа, што се одржува денеска и утре во Скопје. На денешното отворање на конференцијата, учесниците нагласија дека без силна јавна поддршка, судската независност и демократските институции се доведени во ризик, а размената на искуства и добри практики е неопходна за справување со заедничките предизвици.

Конференцијата, чиј домаќин е Врховниот суд на Македонија, ги обедини највисоките претставници на тринаесет врховни судови, како и судии од САД и експерти од меѓународни организации.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање потенцира дека состојбата во судството најчесто се оценува преку улогата и функционирањето на Врховниот суд.

– Највисоката судска инстанца кога е независна ужива најголема јавна доверба и тоа е доказ за владеење на правото. Преку статусот и работата на Врховниот суд многу често се цени состојбата во целокупното судство. Секој обид за политизација на Врховниот суд е ризик не само за судската независност туку и за демократскиот поредок – истакна Сиљановска-Давкова.

Таа додаде дека улогата на врховните судови е клучна и за стабилноста на демократијата.

– Затоа кога врховните судови успешно ја извршуваат својата улога на единствена примена на законите, тогаш и довербата во судството расте. Одлуките на судовите имаат силно влијание и врз работата на пониските судови, но и врз цврстината на демократијата – нагласи претседателката.

Претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, оцени дека денешната регионална конференција преставува значаен настан не само за институцијата, туку и за државата.

Во однос на довербата во правосудството, тој нагласи дека таа не е на посакуваното ниво, но дека треба континуирана работа за нејзино враќање.

– Искрено, односно реално, објективно и самокритично, довербата на граѓаните во правосудството не е на посакуваното ниво. Но, ние треба континуирано да работиме на тоа – преку ефикасни постапки, доследна примена на законите и ажурно постапување, за да ја подобриме и вратиме довербата. Довербата не се гради преку ноќ, се гради долго, но може брзо да се изгуби – истакна Фидани.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content