Академик Попов: Научното творештво на Глигор Јовановски значајно во развојот на светската наука, што е гордост на македонската држава
Глигор Јовановски со своето маркантно научно дело и богатата академска, педагошка и научноистражувачка дејност, тој одигра клучна улога во развојот на Институтот за хемија, а со тоа и на Природно-математичкиот факултет како дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на Македонската академија на науките и уметностите. Неговото научно творештво има значење и за развојот на светската наука, со што македонската држава може да се гордее, истакна денеска претседателот на МАНУ, Живко Попов во својот говор по повод свеченоото одбележување на 80-годишниот јубилеј од раѓањето на академикот Јовановски.
На настанот беа промовирани „Собрани трудови IV (2015 – 2025)“ на Јовановски, презентирани од проф. д-р Петре Макрески, како и неговата монографија „Македонски природни богатства“, за којашто говореше проф. д-р Валентин Мирчески, дописен член на МАНУ.
– Голема чест и задоволство ми претставуваат поканата и можноста денес, со ова мое обраќање, да се придружам кон одбележувањето на осумдесетгодишнината од раѓањето на академик Глигор Јовановски – врвен научник и еден од најистакнатите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Водечки професор од подрачјето на природно-математичките науки, еден од главните носители на развојот на хемијата во Македонија и истражувач со врвно меѓународно реноме во областа на структурната хемија – нагласи Попов.
Тој потенцира дека Јовановски со своето творештво оставил длабоки траги не само во полето на хемиската наука како врвен истражувач и научник, туку и преку својата успешна наставна дејност на додипломските и постдипломските студии на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
– Тој ги воведе предметите Кристалохемија и Методи за испитување на цврсти супстанции, а меѓу другото ги извршуваше и функциите декан и продекан на Природно-математичкиот факултет. Престојувајќи во повеќе наврати на престижни странски универзитети, успева во нашата земја да ги пренесе најсовремените истражувачки технологии во својата област, кои се однесуваат на структурните проучувања на различни хемиски соединенија, пред сè во доменот на рендгенската структурна анализа, вибрационата спектроскопија, нуклеарната магнетна резонанца, теоретските квантно-механички пресметки и други методи – нагласи претседателот на МАНУ.
Истакна дека печатењето и промоцијата на неговите собрани трудови во четири тома, од кои во првите три, објавени по повод неговиот 70-ти роденден, се поместени трудови објавени во периодот од 1974 до 2015 година, а во четвртиот том во периодот од 2015 до 2025 е чин кој претставува скромен израз на признание и благодарност на МАНУ кон својот истакнат академик, кој својот работен век до денешен ден го посветил на научните истражувања во областа на структурната хемија.
– Со врвните резултати од неговите бројни научноистражувачки проекти, тој успеа македонската наука да ја издигне на рамниште на светската наука, а себеси да се афирмира како истакнат кристалограф и спектроскопист – комбинација што е ретка не само кај нас, туку и во светот. Академик Јовановски е втемелувач на научни области и методи од полето на хемијата кои претходно не постоеле во Македонија, како што се кристалохемијата и методите за испитување на микросветот на цврстите супстанции со дифракција на рендгенски зраци – рече претседателот на МАНУ.
Преку научноистражувачка дејност спроведенаспоред највисоките академски критериуми, обемна педагошка работа што опфаќа десетици научни дисциплини и научно творештво отсликано во стотици научни трудови објавени ширум светот, академик Јовановски, истакна Попов, даде значаен придонес во развојот на науката во Македонија.
– Во неговиот грандиозен академски опус се вбројуваат авторство и уредништво на десетици монографски публикации, од кои повеќето се резултат на обемна проектна активност во Македонската академија на науките и уметностите и се од особен национален интерес, како што се: „Приоритети на идниот развој на Република Македонија“, „Quo Vadis Република Македонија“, „Хемиска терминологија“ и други – рече Попов.
