Многупати го користам зборот соцреализам зашто, барем за мене, тој е израз на најцрниот период во историјата на некогашна Југославија, но никогаш темелно погребан односно и денес витален како плевел што ја задушува секоја прогресивна и демократска мисла. И секогаш наидува на плодна почва да се прилепи, прицврсти и пушти корења. И цут, се разбира. Едновремено, погрешно е да се мисли дека соцреализмот беше само културна доктрина, изразито присатна во литературата и уметноста. Денес „фиданките“ на соцреализмот се начин на мислење, однесување, управување…, затоа впрочем се задржа до сега. Не само кај нас, никако, го има ширум просторот на некогашна Југославија!
И пошироко, секако. Ене ви ги Бугарија, Србија, Албанија…, за БиХ воопшто и да не говориме, но вирее и во Хрватска итн. Во сите спомнати држави соцреалистичкото наследство, повеќе или помалку, беше преку „кадровската“ политика внимателно трансплантирано во новиот „демократски“ систем, па добивме – „демократски“ соцреализам. Но, како што вели една умна госпоѓа апропо полагањето на правосудниот испит, според етнички и партиски а не професионални и демократски критериуми и принципи!
Или, говорејќи за актуелната ситуација во Македонија, што инаку претставува – ако не најцрн соцреализам – изјавата на еден висок партиски функционер кој речиси половина „работен“ век го помина како пратеник, министер итн.: „Сите знаевме дека таа дискотека работи – и граѓаните на Кочани и луѓето низ Македонија“. Ма немој. И сега – сите ли сме виновни? Еве јас не знаев дека воопшто постои таква кочина што некој сака да ја вика дискотека. И немам намера да бидам алиби за некои шутраци кои за мито издавале дозволи на невидено. Ама „стручњакот“ и на тоа има соцреалистичка забелешка: „Дали може градоначалници кои биле на функција во 2012 или 2017 година да носат одговорност за тоа што се случило во 2025 година? Мора да има каузалитет и јасен тек кој ќе гарантира правда“, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО.
Па се разбира дека може „градоначалници кои биле на функција во 2012 или 2017 година да носат одговорност за тоа што се случило во 2025 година“ бидејќи тие точно знаеле каква кочина е таа „дискотека“ и што може еден ден да се случи со неа, тие издавале секакви дозволи, затворале очи пред криминалот… И не само градоначалници туку и министри и државни секретари… Каков друг „каузалитет“ може да има освен тој? Или повторно: сите сме виновни? Е па не сме.
А не знаеме ни кој е навистина виновен што резултатите од анализите на горивото во скандалот „Мазут“, што пристигнале пред осум месеци, нема експерт кој може да ги прочита и да ги протолкува! Но случајот и без тој аспект е – затворен.
Или кога „лидеро“ на сектана од собраниска говорница бара од премиерот и власта заедно со него да ги направат уставните измени и при тоа да ја споделат одговорноста за тој чин велејќи: „(…) сакам да знае дека ја споделуваме одговорноста за било што, што понатаму ќе се случува во текот на преговорите“ (sic!). Што повторно ќе рече дека најцрно соцреалистички подметнуваат божем сите го пишувавме смешнион Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, а особено сите учествувавме во составувањето на шизоиднион Протокол бр. 2 и ставивме заеднички потпис на истиот! Ма немој, повторно – сите, нели? „Сите“ да им ги бришат кашканиците!
Таквите левофронтовски политиканти со закречени соцреалистички умови залегнаа во државава уште од онаа 1992 година. Најлошиот отпад – чест на исклучоци, но не и на нивниот молк за целото ова време! – преку ноќ стана „државотворен“. Но само кога тоа беше вносно, на пример како во времето на фамозната ајдучка приватизација. Кога ќе дојдеа во тесно, во таканаречени „волнени времиња“, тогаш сакаа да споделуваат, тогаш беа/бевме – сите. Највеќе во поглед на одговорноста!
Е па нели ни беше доста?
Зашто ним очигледно не им е. Тие ги продолжуваат истите „политики“ на „заедништво“ само кога имаат потреба од „народ“, од масовност, од „сите“… Тогаш доаѓа до израз колку всушност нѐ „сакаат“. Не нас, де, туку двата прста односно гласот.
