Речиси да нема ден лидерот на СДСМ Венко Филипче да не посвети изјава или прес конференција на потребата од уставни измени за продолжување на евроинтеграциите.
Притоа за него не постојат ниту реформска агенда, ниту план за раст, ниту менување на општеството согласно европските стандарди. Ставот на Филипче е едноставен и срочен во една реченица: „Реформите се викаат – уставни измени и почеток на преговори, отворање на поглавјата. Тоа е вистинскиот пат напред‘‘, вели Филипче и точка!
Да станува збор за млад неискусен политичар би било нормално да не ја гледа поголемата слика, па понесен од ,,својот висок рејтинг‘‘ да се обидува да и го наметне ставот на јавноста. Но, напротив Филипче не е неискусен политичар (добро е нафатиран од политиките на Заев), а дополнително рејтингот му се граничи со статистичка грешка. Ако на тоа се надоврзе и одбивањето на јавноста за вметнување на Бугарите во уставот под овие услови, која надминува 2/3 од македонските граѓани, тогаш е јасно дека зад мотивите на Филипче се крие не кратковидост, туку лукративност. Веројатно сметката за потпишување на преспанскиот договор и исполнување на обврските од преговарачката рамка, наметната од Софија, а прифатена од владата на СДСМ и ДУИ е се уште отворена, а наплатеното се уште неисполнето.
Затоа, несфатливо е како може да тврди дека: ,,Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија, не на Бугарија, како што ВМРО сака да го прикаже – не е предавство. Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската Унија”, вели Филипче. На една страна тој и неговиот СДСМ, наспроти актуелната влада со речиси двотретинско мнозинство во собранието и уште толку од македонските граѓани кои велат – ПРЕДАВСТВО Е!
Предавство е зашто тие ја гледаат големата слика. Гледаат дека Бугарија нема да остане на тие 3.500 македонски граѓани кои се изјасниле како Бугари на последниот попис, туку ќе бара каде се уште 200.000 кои земале пасоши и потпишале дека имаат бугарски корен. Гледаат дека и да се отворат поглавјата од преговорите, бугарските историчари ќе бидат тие кои ќе кажат дали можеме да одиме понатаму или не. Гледаат дека за Софија повеќе и не сме Македонци од 1945, туку Северномакедонци од 2019. година.
На крајот гледаат и тие, како што гледа и претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, дека сите бугарски влади се придржуваат до концептот од студијата ,,Односот на Бугарија кон Македонија‘‘, подготвена 2008. година, а потпишана од дваесетина бугарски научници, меѓу нив и актуелниот претседател на бугарската тим од заедничката комисија за историја, Ангел Димитров. Токму во таа студија се наведени сите чекори, од барањето уставни измени до стратегијата со издавање пасоши за Македонците во Албанија и Косово, па и Канада. Ако на тоа ги додадете актите на Собранието, Декларација, Резолуција, ќе видите дека тоа е еден концепт до кој сите, без оглед кој е на власт, се држат, вели Сиљановска Давкова.
Таа студија и стартегија е подготвена, кога беше јасно дека и американскиот претседател Буш не успеа да ја внесе Македонија во НАТО, по грчкото вето. Од тогаш се гледаат координираните чекори на Атина и Софија во односите со Македонија – едната признава, а другата негира. Едната повлекува вето, а другата поставува. Тие чекори се насетуваа уште пред потпишувањето на Преспанскиот договор, кога тогашиот премиер Бојко Борисов порача дека за името на Македонија треба да се праша и Бугарија.
Оттаму, наивно е образложението на Филипче дека со вметнување на Бугарите во преамбулата на уставот паѓала во вода бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави. Само Филипче е уверен дека од тој момент се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство и се урива целата пропаганда дека нема посебен македонски народ.
Па токму тоа и го сака Софија, македонски народ, но од 1945, со бугарско потекло, или подобро северномакедонски народ од 2019-та како што не именува новата шефица на бугарската дипломатија.
