Милошоски: Ислам Абази го затвори предметот за сомнителната набавка на мазутот, правдата повторно ставена во служба на СДС и ДУИ
Дозволете денес уште еднаш да се осврнам на обвинителскиот скандал со затворање на предметот за осомничени за криминал тежок 167 милиони евра, при што тука имаме и сомнеж за перење на пари и за нанесување штета на животната средина, познат под насловот Мазут, рече на денешната прес-конференција пратеникот Антонио Милошоски
Овој скандалозен случај и одлуката на шефот на ЈО ГОКК, Ислам Абази, е доказ за големото влијание кое што Венко Филипче, Али Ахмети и Зоран Заев се уште го имаат во добар дел од обвинителството и судството.
Ислам Абази како шеф на ОЈО ГОКК, одлучил да го запре овој случај и да не види ни еден доказ.
Вчера поставивме неколку прашања, на кои што на брифинг со новинарите, шефот на ова обвинителство, Ислам Абази, се одлучи да изнесе манипулативни одговори.
Ислам Абази тврди дека не вршел никакво влијание врз никој обвинител да се донесе ваква одлука за запирање на гонењето на овој сомнеж за криминал од 167 милиони евра.
Ислам Абази лаже, затоа што како шеф на ЈО ГОКК, надлежен е еднаш неделно да добива брифинг од подредениот обвинител, за ваквите крупни случаи, а исто така овластен е доколку некој понизок обвинител реши дека не сака, или смета, дека нема основ ваков случај да се води, Ислам Абази може да одлучи, случајот да продолжи да се гони, или да го предаде во надлежност на друг обвинител.
Наместо да го направи тоа, Ислам Абази, дал согласност овој тежок 167 милиони евра случај да се затвори, и наместо да биде обвинител којшто ќе гони организиран криминал и корупција, Ислам Абази си ја препишал улогата на судија, да го затвори случајот, пред истиот да влезе во судските процедури.
Досега, во македонското правосудство и обвинителство, не е забележан случај на ваков тежок милионски сомнеж за криминал, којшто се наоѓал во ЈО ГОКК, и е од висок јавен интерес да биде затворен, пред да биде доставен во судот.
Секогаш обвинителството одлучувало доказите што ги има да ги презентира во обвинителен акт, а потоа на судските органи да им овозможи да ја донесат конечната одлука, а на обвинетите да им овозможи да докажуваат дали се невини или на обвинителството да докаже дали се виновни.
