Гнасотилаци

Новиот унгарски премиер Маѓар, инаку „побратим“ на нашава локална секта, на цел глас објавува дека министер за социјални и семејни прашања ќе му биде слепиот адвокат и аикидо мајстор Вилмош Катаи-Немет, демек прв слеп министер во модерната историја на Унгарија. А ние имавме цела влада слепа, глува, нема па и малоумна, што нѐ тормозеше полни седум години со своите хендикепи! А потоа, како подарок себеси, комплет се смести во Парламентот.

Како и да е, мојата неинформираност во текстот Црна „честитка“ ја набеди власта дека е незаинтересирана за одбележување на Денот на победата над фашизмот, што се покажа неточно. И за што се извинувам. Но се покажа и нешто друго: кој е кој и што е што, иако и до сега веќе има(в)ме прилично прецизна слика. Сега истата е заокружена, пишува Златко Теодосиевски за ПЛУСИНФО.

Имено, онаа црна „честитка“ на „лидеро“ на опозициската секта до новоизбраниот бугарски премиер го комплетираше нивното срамно, вулгарно, денунцијантско и колаборационистичко однесување и понижувањето на сопствената држава и народ. Но, дефинитивно покажа и дека таму не останало ни „п“ од некаква политика, уште помалку некое слово од поимите морал или чест. Впрочем, тоа со својот молк (повторно) го покажа и онаа нивна „пајтон интелигенција“ која се влече по нив како градинарско црево – без срам пишувајќи секакви глупости и премолчувајќи ја патологијата на нивните газди.

Зашто, без оглед колку и да звучи пресилно, овде веќе сериозно мириса на дијагнози со коишто некој мора да се позанимава. Дали станува збор за групна дисоцијација (свесна или не), за форма на амнезија и деперсонализација…, но овој грст луѓе е веќе целосно одвоен од средината, од реалноста, што прераснало во механизам на одбрана од минатото односно искуствата од изминатите години кога беа неприкосновена власт.

Поточно, да кажете, на пример, „Како има тој човек право да го запре повеќедеценискиот пат на државата? Од каде му е тоа право? Што си мисли, дека е монарх некој?“ после оние страотно налудничави и историски неписмени седум години, мора да имате некаков проблем. Со себеси, со минатото, со реалноста… Зарем е можно „лидеро“ да не се запраша како тој, како член на владата (малите букви се…) и десна рака на неговиот тогашен (и сегашен) „премиер“ имаа право да го сменат вековното име на државата? Што мислеа, дека тие се монарсите вечно залегнати врз вратот на граѓаните? И од каде им тоа право?!

Или, кога „лидеро“ прашува „Кој е Христијан Мицковски да каже не? Каков е тој предавник и на стратешките, и на националните интереси на државата? Од кај му е таа храброст или од кај му е тој политички или морален или било каков легитимитет?“, зошто не направи обична замена на личното име и не праша: кој е Зоран Заев, или Венко Филипче, или Бујар Османи, или Радмила Шеќеринска… да го менуваат името на државата, да вршат предавства на стратешките и националните интереси и да прекројуваат историја, од каде им храброст да поддржуваат онаков Протокол бр. 2 и сѐ што тој носи со себе и кој и каков е нивниот „политички или морален или било каков легитимитет?“?

Бидејќи, ако себеси и на најблиските криминални пајташи не си ги поставиш тие прашања, од каде ти право да му ги поставуваш на Христијан Мицкоски или било кој друг?

И како, после сѐ што таа негова криминална власт направи, тој обвинува дека „оваа власт ниту има политички, ниту морален легитимитет повеќе да води оваа држава“. Колку за потсетување, оваа власт добила легитимитет на легални избори, со речиси половина милион гласови повеќе од таа на селскион „лидер“ и тоа, за неа, е доволно оправдување. Дали така и ќе остане е прашање кое допрва ќе биде поставено. Но него, барем засега, не може да го поставува ни Филипче ниту пак неговата селска клика.

Зашто, за жал или повеќе за среќа, изгубија секаков легитимитет – политички, морален, национален, интелектуален – воопшто да поставуваат прашања. Тие, можеби, низ некои спомнати патолошки „процеси“ се помириле со себеси и злосторствата што ги направија во оваа држава, но единственото прашање што им е дозволено да (си) го постават е: дали гласачкото тело се помирило со нив и нивните катастрофални политики? И на тоа прашање веќе добија два жестоки изборни шамари/одговори, а ќе добијат и нови. Зашто фактот што тие се помириле со себеси и сега живеат во некаков нов нереален политикантски балон на граѓаните ништо не им значи. Тие ќе казнуваат сѐ додека слепциве вака се однесуваат.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content