Муцунски: Потребно е да се надмине билатерализацијата на пристапниот процес кон ЕУ

Во Брисел денеска се одржа Советот за надворешни работи на Европската Унија, на кој учествуваше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Состанокот го водеше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, а главниот фокус беше насочен кон односите со Западен Балкан и пошироките геополитички предизвици.

Пред почетокот на дебатите, Муцунски порача дека проширувањето на Унијата не е само политички процес, туку суштинска нужност и за ЕУ и за земјите-кандидати. Според него, Западен Балкан мора конечно да излезе од позицијата на „сива зона“ во Европа и да добие јасна перспектива за членство преку предвидлив и кредибилен процес.

Тој нагласи дека Македонија бележи конкретен напредок во спроведувањето на Реформската агенда, особено во последниот период, и истакна дека државата е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тоа, како што посочи, претставува потврда за цврстата реформска определба, но и за недвосмислената стратешка ориентација кон европската интеграција.

Во своето обраќање, министерот испрати порака до земјите членки дека процесот на проширување мора да се ослободи од билатерални блокади кои го забавуваат напредокот, а воедно повика на засилен ангажман на ЕУ и во пошироки области од заеднички интерес. Тој ги посочи безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската стабилност, сигурноста на храната и дигиталната трансформација како клучни полиња за продлабочена соработка.

Дискусиите на Советот опфатија повеќе актуелни теми, меѓу кои односите со земјите од Западен Балкан, руската агресија врз Украина и нејзините регионални импликации, како и зајакнувањето на заедничките капацитети на ЕУ во сферата на надворешната и безбедносната политика.

Муцунски воедно ја истакна подготвеноста на државата да остане сигурен и предвидлив партнер на Европската Унија во справувањето со глобалните безбедносни ризици, нагласувајќи дека усогласеноста со европската надворешна политика останува конзистентна и стабилна.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content