Хајделберг факултет: Дуалното образование е клучот за поврзување на младите со компаниите и за создавање кадар подготвен за реалната економија
Скопје, 8 мај 2026 – Дуалното образование не е само образовен модел, туку стратешка инвестиција во иднината на младите, компаниите и македонската економија. Ова беше главната порака од форумската дебата „Дуално образование – врска меѓу компаниите и студентите“, што се одржа на Хајделберг факултет во Скопје, а каде учествуваа Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Димитар Клисаровски, потпретседател на Шведско-Македонската стопанска комора, Орце Симов, професор на Хајделберг Бизнис школа, Дарко Велков, извршен директор на вработување.мк, Сами Морина, член на Одборот на директори на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Антје Ванделт, делегат на AХK – Германско-Македонската економска асоцијација, Елиза Пренџов, претседател на Американско-балканската глобална стопанска комора и Бобан Попески, главен извршен директор на Локпорт Фајненс, САД.
Настанот отвори суштинска дискусија за едно од најважните прашања за иднината на земјата: како образованието да престане да создава само дипломи и да почне да создава млади луѓе подготвени за реалниот живот, за реалните компании и за пазар на труд кој се менува побрзо од кога било.
Проф. д-р Синиша Наумоски, генерален директор на Хајделберг, истакна дека суштинската мисијата на Хајделберг факултетот е да понуди образование кое ги поврзува академското знаење, практичната работа и директната соработка со компаниите: „Мора конечно да започнеме да создаваме млади луѓе подготвени за реалниот живот и за компаниите. Студентите на Хајделберг факултетот не се само слушатели во образовниот процес, туку партнери во модел кој им овозможува уште за време на студирањето да работат во компании, да стекнуваат искуство, да се развиваат професионално и да ја градат својата иднина дома. Најголемата инвестиција денес не се згради, автомобили или бројки на сметка. Најголемата инвестиција е образованието што можеме да им го дадеме на младите“, истакна Наумоски.
Централна тема на дискусијата беше прашањето што навистина бараат компаниите од младите. Работодавачите сè повеќе бараат млади луѓе со практични вештини, самостојност, комуникациска способност, критичко размислување, иницијатива и подготвеност за постојано учење.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, истакна дека дуалното образование е модел кој може да ја намали празнината меѓу она што го нуди формалното образование и она што го бара реалниот сектор: „Бизнисот бара вештини. Бизнисот бара употребна вредност што знае еден млад човек да направи кога ќе дојде на работното место. Ако сакаме државата да оди напред, мора да вложуваме во образованието“, порача Азески.
