Екс-градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој е дел од одбраната во случајот „Пулс“, во интервју за „Фокус“ упати сериозни критики кон обвинителниот акт, оценувајќи дека е правно неиздржан, преобемен и поставен на начин што ќе резултира со долгогодишен судски процес без брза разрешница.
„Мислам дека родителите и роднините на починатите деца, оштетените во таа постапка, сериозен дел од обвинетите, меѓутоа и целокупното македонско општество, сме заложник на еден полуписмен т.н. обвинителен акт, кој може да гарантира сѐ, освен две работи. Прво, дека предметот ќе трае многу, многу долго и дефинитивно нема да донесе правда“, вели Шилегов во интервјуто.
Тој посочува дека и по шест месеци судење, со по пет до шест рочишта месечно, обвинителството сѐ уште не ја исцрпило листата на свои сведоци, поради што прогнозира дека првостепена пресуда не може да се очекува во скоро време. „Јас прогнозирам дека ќе поминат уште најмалку 5 години пред да дојдеме до фаза за носење првостепена пресуда. Ако на тоа ја додадете и жалбената постапка, од овој момент би завршиле за седум години за да добиеме второстепена одлука“, наведува Шилегов.
Во продолжение, тој детално ја образложува својата проценка, наведувајќи дека обвинителството предложило 1.400 материјални докази, стотици сведоци и десетици вештаци, што според него дополнително ќе ја пролонгира постапката.
„За жал, ова ништо не мораше да биде вака, ако обвинението прво беше правно издржано, второ, не беше опфатен толкав спектар на луѓе, кои немаат допирна точка со самиот пожар, а се обвинети дека го предизвикале пожарот. Така што, фактички, поради ваквото обвинение… ние нема шанси да дојдеме до брза завршница и дефинитивно нема да дојдеме до правда“, истакнува тој.
Шилегов смета дека предметот можел да биде многу поедноставен доколку бил насочен кон помал број обвинети. „Предметот можеше да биде многу едноставен, со 10 до 15 отсто од овие обвинети што се таму, за ова кривично дело, и досега можеше да биде дојдено до крај. Веќе ќе имаше првостепена пресуда и луѓето, за загубата што е ненадоместлива, сепак да добијат каква-таква сатисфакција“, вели тој.
