Со исказ не вешто лице од Судска медицина денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На претходното рочиште на 28 април Обвинителството презентираше медицинска документација и податоци за повредените што се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот.
Обвинителката Наташа Сарамандова ги презентира вештачењата за 157 лица со тешки телесни повреди, како и 65 оштетени, кои добиле телесни повреди. Од сите повредни во пожарот, 20-ина се деца.
Вештачењата на медицинската документација на повредените во пожарот на 16 март 2025 година констатира повреди од штетни гасови и интоксикација, тешки телесни повреди со изгореници на лицето, рацете, телото и грбот од 6 до 30 % од вкупната површина на телото, како и изгореници на дишните органи, оштетување на респираторната функција и повреда на дишните органи поради вдишување јаглероден моноксид.
Некои од повредените добиле и нагмечувања на главата и телото, скршени ребра и инхалаторни повреди оиради што била неопходна механичка инхалација, пад на кислородната сатурација до 80 %, нагмечни рани на рацете и телото, на очите и оштетувања и скршеници на градните прешлени.
Одбраната реагираше на изведувањето на доказите дека е само читање на листата со докази, а не читање и изведување докази.
Претходно, Обвинителството ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите.
Обдукцијата на 59 жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.
Кај пет од жртвите обдукциското мислење од Институтот за судска медицина исто така констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостиг на воздух и кислород во околната средина. Обдукцијата на три од жртвите што почнале во текот на лекувањето исто така констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.
