Македонците во Албанија на 10 мај свечено откривање на споменик на македонските херои од Туминец во Мала Преспа
На 10 мај свечено откривање на споменик на македонските херои од Туминец!
На 10 мај (недела), со почеток во 11:00 часот, во селото Туминец ќе се одржи свечено откривање на споменик посветен на македонските херои од ова село: Мире Андоновски, Косте Митревски, Ванко Цветковски, Софре Јанкуловски, Славе Трајчевски, Божин Вурмовски, Павле Вурмовски, Павле Милалевски, Кране Тасевски, Трајче Трајчевски, Дријо Вурмовски, Петре Војовски, Ѓорѓија Кацелија, Ванко Мишовски, Мито Милевски, Петре Митревски, Милан Кацелиновски, Казија Андоновски, Јонче Веловски и Алекс Михал, учесници во партизанските единици на Народноослободителната војска на Македонија за време на Втората светска војна.
На свеченоста е најавено присуство на премиерот на Македонија, проф. д-р Христијан Мицкоски.
По повод настанот, Васил Митре изјави дека откривањето на споменикот претставува значаен чин на почит кон македонските борци од Туминец и долгогодишно очекуван момент за локалното население.
„Среќен сум што конечно ќе го откриеме споменикот посветен на македонските борци од Туминец. Ги поканувам сите Македонци кои имаат можност да присуствуваат на свеченото откривање. Потекнувам од патриотско семејство. Мојот дедо, комитата Јоаким Митре, бил осуден на 101 година затвор за време на отоманското ропство, додека мојот татко Коста беше учесник во македонските партизански одреди и се бореше за ослободување на Македонија. За време на режимот на Енвер Хоџа, тој помина 25 години во албанските затвори како македонски патриот. Повеќе од 20 години барав од Општина Пустец да го изгради овој споменик. Му благодарам на премиерот Христијан Мицкоски што го прифати моето барање при неговата посета на Пустец минатата година и помогна во неговата доизградба“, изјави Митре.
Јордан Јанкула, советник од Македонската алијанса за европска интеграција во Советот на Општина Пустец, ги повика сите Македонци кои имаат можност да присуствуваат на свеченото откривање на споменикот.
