Обвинителството со обдукциски наоди на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Судскиот процес за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, денеска продолжува во судницата во КПУ „Идризово“ со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството.

По завршувањето на фазата со вербални докази, на ред доаѓаат најтешките и најсензитивни делови од доказниот материјал, судско-медицинските обдукциски наоди. Тие треба да дадат прецизен увид во причините за смртта на жртвите во пожарот, кој ја потресе јавноста и се смета за една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата.

Обвинителскиот тим најави дека остануваат уште мал број сведоци за сослушување. Дел од нив не можеле да бидат испрашани поради психолошки состојби, додека еден сведок се наоѓа во странство. Доколку нивното присуство не може да се обезбеди, нивните претходно дадени искази ќе бидат прочитани во судницата.

По завршувањето на анализата на обдукциските извештаи, се очекува во постапката да биде вклучено и вешто лице кое ќе треба да одговори на дополнителни прашања и да ги разјасни можните нејаснотии што се појавиле во текот на процесот или во јавната дебата.

Од Обвинителството не предвидуваат колку рочишта ќе бидат потребни за изведување на целиот материјален доказен материјал, нагласувајќи дека динамиката ќе зависи и од одбраната, како и од текот на постапката. Сепак, судот останува надлежен да обезбеди ефикасност и економичност во водењето на процесот.

Прашањето за евентуално исклучување на јавноста од одделни делови на судењето ќе се разгледува поединечно, зависно од чувствителноста на доказите и начинот на нивно презентирање.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content