Мигрената не е обична главоболка, туку онеспособувачка состојба што бара посебен третман и медикаментозна терапија, апелираа невролозите на Националниот ден на мигрена, кој за првпат се одбележува во земјава, во организација на Македонското невролошко здружение и Клиниката за неврологија под мотото „Мигрената е повеќе од главоболка“. Во земјава се смета дека околу дванаесет до петнаесет проценти од населението има мигрена, што значи некаде околу сто осумдесет до двесте илјади жители во нашата држава се афектирани од мигрена.
Д-р Емилија Цветковска од Клиниката за неврологија и претседател на Македонското невролошко здружение истакна дека за првпат во земјава се одбележува Националниот ден на мигрена, со цел подигнување на јавната свесност дека мигрената претставува сериозна невролошка состојба, а не само обична главоболка
Таа нагласи дека мигрената е една од најонеспособувачките невролошки заболувања, при што пациентите за време на напад не се способни за работа или секојдневни активности и често се повлекуваат во затемнета просторија поради чувствителност на светлина, звук, гадење и вртоглавица.
-Мигрената буквално им краде денови од животот на луѓето. Во Европа се проценува дека околу 50 милиони луѓе страдаат од оваа состојба, а на светско ниво бројката достигнува околу една милијарда, изјави Цветковска, додавајќи дека вообичаените лекови против болка често не се ефикасни.
Според неа, мигрената ги погодува сите возрасни групи, но најчеста е кај работоспособното население на возраст од 25 до 55 години и е трипати почеста кај жените, што се поврзува со хормоналните фактори.
-Во однис на тоа дали постои во детската возраст, постои исто така, порано се сметаше во менопаузата поминува, не, постои и во постарата популација, така да никој не е поштеден од мигрената. Терапијата се дели на онаа која се дава за прекин на нападот акутен на мигрена кога ќе се јави или ако некој има чести напади, превентивна терапија за воопшто да не се јават нападите. И тука е, нели, големиот напредок што во последните години го постои во светот, нели, во терапијата, бидејќи имаме лекови кои специфично делуваат на механизмите на настанување на мигрена. Вообичаените аналгетици често пати не помагаат и заради тоа треба да се даваат овие лекови, рече Цветковска.
Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски, информира дека од февруари годинава е формирана специјализирана амбуланта за третман на мигрена, низ која во изминатиот период поминале повеќе од 50 пациенти.
Тој посочи дека од 2020 година на клиниката се применува современа терапија за превенција на мигренозни напади, преку Фондот за здравствено осигурување, при што досега се опфатени 117 пациенти. – Околу третманот на самата мигрена веќе во денешно време постојат многу современи лекови коишто не го запираат самиот мигренски напад, туку го превенираат да не се јави истиот, нагласи д-р Божиновски.
-Ефектите се охрабрувачки – кај дел од пациентите нападите се значително намалени или целосно отсуствуваат. За оваа година планираме проширување на терапијата за уште 70 пациенти, рече Божиновски.
