ПлусИнфо: Рочиште без сведоци –  Процесот за „Пулс“ влегува во сериозна криза и ја губи насоката

Последното рочиште за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, одржано на 16 април, отвори сериозни дилеми за текот и концептот на целиот судски процес, откако наместо најавените сведочења, судницата во Идризово остана без ниту еден сведок. Наместо нови факти и докази, јавноста повторно сведочеше на одложувања, процесни расправи, читање на претходно дадени искази и дополнителни правни дилеми кои го замаглуваат правецот на постапката.

Според текот на рочиштето, Обвинителството не успеало да обезбеди присуство на сопствените сведоци. Дел од нив не биле достапни, како Александра Пепеларовска и Теа Ѓорѓиевска, со кои не можело да се воспостави контакт, додека за Дарио Трифунов било посочено дека се наоѓа во Бугарија на студии, на непозната адреса, по што судот наложил проверка за неговата достапност. Со тоа, ниту еден од сведоците кои требало да ја поддржат доказната постапка не се појавил во судницата.

Дополнителна тензија предизвикало и барањето на Обвинителството да се повлечат или да се користат по исклучок претходно дадени искази на сведоци, поради нивната тешка психофизичка состојба. Во таа насока, беше побарано и психијатриско вештачење за сведоците Ана Томева и Лина Крстова, со цел да се утврди дали тие се способни повторно да сведочат пред судот. Судот го прифати овој предлог и најави дека ќе одлучува и за евентуална примена на законска одредба со која наместо директно сведочење би се користеле претходно дадени искази.

Одбраната остро реагираше на ваквиот пристап, посочувајќи дека со тоа се доведува во прашање веродостојноста на доказите и правото на директно испрашување на сведоците, што е клучен елемент во секоја сериозна кривична постапка. Тие предупредуваат дека доколку се оди во насока на читање медицинска документација и претходни искази наместо живо сведочење, доказната сила на постапката значително ќе се намали.

Во текот на рочиштето биле читани извештаи за здравствената состојба на сведоците, а дополнително внимание привлекло и доцнењето од околу два часа на спроводот за еден од 35-те обвинети, што дополнително ја засилило сликата за процес кој станува сè потежок за управување. Сето ова создава впечаток на постапка во која секое ново прашање отвора нови дилеми, а наместо јасна линија кон пресуда, се добива сложен и проширен лавиринт од процесни пречки.

Во јавноста особено одекна и реакцијата на семејствата на загинатите, кои изразиле незадоволство од начинот на кој се води постапката, посочувајќи дека со ваквиот пристап дополнително се оптоваруваат и трауматизираат сведоците, без притоа да се доближува правдата. Според нив, ваквиот тек на процесот не води кон брз и јасен епилог, што е најпотребно за семејствата на 63-те жртви.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content