Бугарската етнократија сериозно се закотвува на меѓународната мапа на држави кои ги дискриминираат малцинствата, откако уште едно меѓународно тело се вклучи во гонење на бугарскиот апартхејд.
Комитетот за човекови права на Обединетите нации е последен во редот кој побара официјална Софија да ја преиспита одлуката со која е одбиена регистрација на македонска организација и да му исплати оштета на етнички Македонец. Комитетот на светската организација заклучил дека Бугарија го прекршила правото на слобода на здружување на подносителот на жалбата. Според наодите, бугарските судови практично ја продолжиле праксата да делуваат дискриминирачки, согласно официјалната бугарска политика, и без да понудат јасно и валидно правно образложение го одбиле барањето за регистрација.
Комитетот сега бара Софија да ги преиспита домашните судски одлуки, да обезбеди соодветна компензација за подносителот на жалбата и во рок од 180 дена да достави извештај за преземените мерки.
Ако порано барањата на македонските здруженија беа одбивани главно со образложение за закана по бугарската национална безбедност, сегашните образложенија не поминуваат во демократскиот свет.
Во конкретниот случај, подносителот побарал регистрација на невладина организација „Комитет за заштита на човековите права – Толеранција“, врз основа на националниот закон за непрофитни правни лица. Иако ги доставил сите потребни документи и дополнителни информации, судот ја одбил регистрацијата, цитирајќи само одредени законски одредби без детално образложение. Одлуката подоцна била потврдена и од апелацискиот суд.
А, такви случаи ќе се редат и во иднина, оти не се само за еден Македонец од Бугарија и на едно барање на здружување на Македонците од Бугарија.
Во најмала рака, ќе се редат по примерот на сите 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права од Стразбур донесени во корист на Македонци од Бугарија кои никогаш не се поколебале за својот македонски идентитет и никогаш не престанале да ја бараат правдата и правата во рамките на бугарската диктатура кон малцинствата, посебно македонското.
Затоа навистина изгледа дегутантно, кога Софија ќе му стави црн печат на човекот кој упорно ја победува во Стразбур, бранејќи го правото на Македонците од Бугарија. Тони Менкиноски можеби нема да може да влезе во Бугарија 10 години затоа што е нивни адвокат, но сигурно ќе придонесе и натаму да се разоткрива бугарската фингирана демократија низ светот.
И, да!
