Димовски: Унгарија е докажан партнер, време е Македонија да ја засили соработката со Полска

Политизацијата на надворешната политика и сведувањето на клучните државни прашања на дневни партиски препукувања е сериозен ризик за македонските национални интереси – порача Илија Димовски во дебатната емисија „Директно“ на Телма.

„Кај нас се политизира и партизира на ниво на пресконференции во партиите на дневно препукување на партиите“, рече Илија Димовски, запрашан за влијанието на изборите во Унгарија на земјите од Вишеградската група vis-à-vis Македонија.

Тој нагласи дека Македонија не треба да го доведува во прашање партнерството со земјите од Вишеградската група, потенцирајќи дека станува збор за држави кои долгорочно ѝ давале јасна поддршка на земјата.

„Не треба да дискутираме дали нас ни треба партнери во земјите од Вишеградската група. Тие се клучните држави кои што во последните 30 години најотворено, најдиректно, најјасно ни давале поддршка. Не станува збор само за Унгарија, станува збор и за Чешка, Словачка и Полска. За жал, јас би бил среќен кога и со другите три би имале иста соработка, особено со Полска која што станува чудовиште – економско и политичко, ќе биде една од првите три-четири водечки држави во Европа. А и таму е политичката атмосфера еднаква, како оваа во Унгарија. И таму нема левица, натпреварот е внатре во десницата. Претседателот е од едната десничарска партија, премиерот е од другата десничарска партија – како што и ќе биде во Унгарија дури и да изгуби Орбан. Тоа не треба да создава проблем во националните интереси на Македонија.“

Димовски потенцираше дека односите со Унгарија мора да се градат како долгорочна државна политика, независно од политичките промени во двете земји.

„Економската, политичката соработка која што се воспоставува со Унгарија во овие неколку години треба да биде надградувана и понатаму без разлика дали таму ќе се промени власта или без разлика дали тука ќе се промени власта. Доколку има сомнежи за одредени манипулации за кои најави господинот Жерновски дека ќе зборува, во ред – тука правам резерва и сето тоа треба да се разгледува, но не смееме дискусијата на оваа тема да ја сведеме на партиски препукувања. Дали денеска е добро Македонија да има партнер во Унгарија и Полска – да. Дали по пет години ќе биде добро Македонија да има партнер во истите две држави“, рече Димовски, на кое беше надополнет од водителот со „без разлика дали тој се вика Орбан или Маѓар“, на кое тој рече „Апсолутно. Дури и да се случи промена на власта во Унгарија, првата реакција од Македонија треба да биде честитка за победникот и јасни сигнали дека имаме намера да соработуваме со таа држава на исто ниво како и досега. И некогаш кога ќе се случи промена на власта и во Македонија, очекувам заради државни интереси а не ради партиски интереси, истиот однос да биде оттаму кон Македонија од Македонија кон таму.“

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content