Алиу: Суштината на законските измени во подготовка е човек да може да избере дали по смртта сака да биде дарител
Законските измени што ги подготвуваме имаат многу подлабока смисла од едноставна правна интервенција. Нивната суштина е насочена кон тоа човекот, за време на живот, кај својот избран матичен лекар, доброволно и јасно да може да ја изрази својата волја дали по смртта сака да биде дарител, таа волја да биде евидентирана во здравствениот систем, а нејзината правна и морална тежина конечно да стане видлива. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, а системот да биде потранспарентен, подоверлив и поефикасен, со помалку административни пречки и со поширока рамка за можни донори. Овие законски измени не се подготвуваат за да „принудуваат“, тие се подготвуваат за да ја вратат личната одлука таму каде што ѝ е местото – кај граѓанинот, наведува министерот за здравство Азир Алиу во денешната колумна објавена на веб-страницата на Министерството за здравство.
Тој додава дека владината Програма за трансплантација за 2026 година како приоритет ги поставува зголемувањето на трансплантациите на бубрези, срце, црн дроб, коски и коскени ткива од починато лице, проширувањето кон васкуларни ткива и отпочнувањето подготовки за трансплантација на бели дробови, заедно со национални листи, регистри, координатори и софтверска надградба во „Мој термин“.
– Со други зборови, во македонскиот здравствен систем постои цврста медицинска, кадровска и организациска основа, нагласува министерот.
Во продолжение, колумната на министерот ја пренесуваме интегрално:
– Во светот на медицината постојат области што ја покажуваат техничката и научната моќ на современото здравство. Но трансплантацијата открива нешто уште поважно, а тоа е моралната зрелост на едно општество. Во 2024 година, глобално се извршени рекордни 173.727 трансплантации на органи, а во Европа 44.021 трансплантации. И покрај тој напредок, на крајот на истата година 94.644 пациенти во земјите на Советот на Европа сѐ уште чекале орган, а 8.591 човек починал додека бил на листа на чекање. Тоа значи дека трансплантацијата денес не е само „кралица“ или врв на медицината, туку и мерка за тоа колку едно општество умее да ја организира надежта за втора животна шанса.
Македонија денес не стои пред прашањето дали знае. Македонија знае. Имаме подготвени и обучени медицински тимови, кадар со знаење, искуство и професионална подготвеност за извршување на најсложените медицински постапки што ги бара трансплантацијата. Нашиот систем веќе има искуство со трансплантации на бубрези, срце, црн дроб и коскени ткива, а оваа недела јавноста беше информирана и за 16 успешно реализирани трансплантации на рожница, од кои кај дел од пациентите се применети современи минимално инвазивни техники со микронска прецизност. Владината Програма за трансплантација за 2026 година тоа јасно го потврдува и институционално, односно како приоритет ги поставува зголемувањето на трансплантациите на бубрези, срце, црн дроб, коски и коскени ткива од починато лице, проширувањето кон васкуларни ткива и отпочнувањето подготовки за трансплантација на бели дробови, заедно со национални листи, регистри, координатори и софтверска надградба во „Мој Термин“. Со други зборови, во македонскиот здравствен систем постои цврста медицинска, кадровска и организациска основа.
Затоа денес најважното прашање не е хируршко, туку општествено. Не е прашањето дали имаме сала, тим и опрема. Прашањето е дали имаме доволно доверба, доволно јасно изразена лична волја и доволно зрел јавен разговор за темата на органодарителството. Една стручна студија објавена во 2025 година покажува дека 74,4% од испитаниците целосно ја поддржуваат трансплантацијата, а 70% ја поддржуваат трансплантацијата од починат донор. Но истата студија покажува и нешто суштинско, а тоа е дека најчестата причина за двоумење не е отфрлање на идејата за дарување, туку недоволна информираност за целиот процес. Авторите јасно укажуваат дека довербата во системот и надминувањето на културните и религиските резерви се неопходни за повеќе органодарителство.
Токму овде нашата Република мора да зборува со најголема внимателност. Во земја како Македонија, чиј духовен и вредносен пејзаж длабоко го обликуваат исламот и православното христијанство, органодарителството не смее да се претвори ниту во студена административна тема, ниту во агресивна кампања што ќе ги одалечи луѓето од темата. Треба да се говори со почит кон тагата, кон телото, кон совеста и кон верата. Но исто така е важно да се каже и дека во нашиот јавен простор веќе беше соопштено дека традиционалните верски заедници го поддржуваат доброволното дарување органи и ткива како чин на хуманост и личен избор, а и исламски и православни претставници оваа година јавно зборуваа за органодарителството како за чин што спасува и продолжува живот. Тоа не значи дека Репбликата треба да ја толкува верата. Тоа значи дека нашата Република треба чесно да покаже дека човечноста и духовноста не стојат една спроти друга, туку можат заедно да застанат на страната на животот.
Затоа и законските измени што ги подготвуваме имаат многу подлабока смисла од едноставна правна интервенција. Нивната суштина е насочена кон тоа човекот, за време на живот, кај својот избран матичен лекар, доброволно и јасно да може да ја изрази својата волја дали по смрт сака да биде дарител, таа волја да биде евидентирана во здравствениот систем, а нејзината правна и морална тежина конечно да стане видлива. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, а системот да биде потранспарентен, подоверлив и поефикасен, со помалку административни пречки и со поширока рамка за можни донори. Овие законски измени не се подготвуваат за да „принудуваат“, тие се подготвуваат за да ја вратат личната одлука таму каде што ѝ е местото – кај граѓанинот.
