Гаши вели дека не е вина на Собранието тоа што за дел од законите не се почитуваа роковите одредени од Уставниот суд. „Ние не ги правиме измените на законите на кои посочува Костадиновски, туку одредени министерства се задолжени за тоа. На секоја координација има претставник на Влада и кога имаме таков случај ние постојано прашуваме до каде е тој закон. Како политичар не влегувам во конфликт со други институции, но кога би гледале како работи институцијата која ја раководиме таа подобро ќе функционира. Јас гледам како работи и од тоа се водам во раководењето на Собранието. Без мислење од Владата не можеме да преземеме одредени чекори“, рече Африм Гаши.
Костадиновски минатата недела во интервју за поткастот „Каде се парите“ критикуваше дека Собранието не ги извршува одлуките на Уставниот суд. Поради тоа, тој истакна дека нема повеќе да биде толерантен кон законодавниот дом кој, како што рече, е уставно недисциплиниран орган.
