Д-р Синиша Стојановски: Големата трагедија за жал беше доказ дека здравствениот систем може да функционира со сите капацитети
Тоа утро и тие неколку дена коишто следеа бев сведок на една безрезервна колегијалност, највисока меѓусебна поддршка, соработка и комуникација и доказ дека здравствениот систем навистина може да функционира. Може да функционира со сите свои капацитети. За жал, доказот беше онаа голема трагедија која што не сплоти, но ни отвори простор да научиме многу како треба да се подготвуваме, како треба да комуницираме и функционираме на дневна основа и како треба здравствениот систем да го јакнеме во насока на поставување една национална здравствена стратегија која што ќе не подготви не само за ситуации како што беше трагедијата во Кочани, туку и за дневно функционирање, за потребите на нашите пациенти. Ова го нагласи д-р Синиша Стојановски, директор на ГОБ „8 Септември“, кој го модерираше панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“ што се одржа во рамки на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“.
– Би сакал да го изразам своето сочувство до сите жртви на оваа страшна трагедија која што се случи пред точно година дена. Целта на овој панел е да се фокусираме на националниот здравствен одговор, се што се случуваше тој кобен ден, тоа кобно утро, на кој начин нашите здравствени институции функционираа и на кој начин практично националната здравствена грижа успеа да даде максимум како во меѓусебната комуникација и координација, така и во згрижувањето, тријажата и акутниот третман на повредените, селекцијата на тоа кои од повредените требаше да бидат транспортирани во високо софистицираните центри, коишто се посветени и коишто работат со повредени од ваков тип изгореници и масовни катастрофи, и кои лекции ги научивме од оваа страшна трагедија, рече д-р Стојановски.
Истакна дека фокусот на овој панел е на првичниот одговор на здравствените институции, за акутниот третман на пациенти коишто имале најчесто три типа повреди или комбинирани изгореници, трауми и токсични оштетувања, од инхалација на штетни токсични гасови, на прво место јаглероден моноксид, потоа тријажата и селекцијата на пациенти кој во која болница треба да биде згрижен, а потоа и тријажата и селекција на пациенти за транспорт кон високософистицираните установи во странство, и на крајот, што е она што треба да го извлечеме како поука од она што се случи, во насока на подготвување на капацитетите на нашиот здравствен систем за потенцијална следна трагедија или ситуација која што ќе има масовен број повредени од сличен карактер.
-Тоа кобно утро најголемиот дел од болниците навистина добија насока да го мобилизираат својот персонал. Иако имавме податок дека се работи за голема трагедија, не бевме свесни колкав е навистина екстензитетот на трагедијата. Како што почнавме да ги добиваме информациите, полека сфативме дека се работи за трагедија која што е од голем размер и која што капацитетите на болниците коишто се инволвирани многу бргу ќе ги стави на тест.
Посочи дека Клиничката болница во Штип направила и одлична тријажа и одличен иницијален третман на повредените, што практично овозможило на болниците во Скопје да добијат навремена информација, каков тип на пациенти ќе бидат трансферирани, за каков тип на повреди станува збор, со колкав екстензитет на повредите, и според него тоа само ја докажало функционалноста и на институциите на системот и на здравствените институции, коишто оваа трагедија ги сплоти во едно.
Посочи дека Клиничката болница во Штип направила и одлична тријажа и одличен иницијален третман на повредените, што практично овозможило на болниците во Скопје да добијат навремена информација, каков тип на пациенти ќе бидат трансферирани, за каков тип на повреди станува збор, со колкав екстензитет на повредите, и според него тоа само ја докажало функционалноста и на институциите на системот и на здравствените институции, коишто оваа трагедија ги сплоти во едно.
Тој нагласи дека тријажата на пациентите тоа утро навистина била комплексна, затоа што покрај степенот на изгорениците, многу често пациентите имале и фрактури.
– Многу често пациентите имаа и потреба да бидат ставени на респиратор, односно да бидат интубирани. Во целата таа конфузија, можам да кажам дека институциите меѓу себе навистина имаа одлична комуникација и конкретно во нашата болница на располагање беше ставен целиот хируршки тим на пластични хирурзи, што доктор Јасмина и нејзината екипа од Универзитетската клиника за пластична хирургија безрезервно го понудија. Таа меѓуинституционална соработка овозможи навистина да се направи адекватен иницијален третман и потоа пациентите коишто имаа можност да бидат третирани во нашите болнички капацитети да останат, а оние коишто имаа посериозни повреди да бидат транспортирани во центрите што се специјализирани за ваков тип на повреди, навремено да бидат истријажирани и испратени, рече д-р Стојановски.
Стојановски потенцира дека во тие 24, 48, 72 часа целиот персонал од медицински работници, соработници и помошен медицински персонал безрезервно се ставиле во функција на здравствениот систем и на повредените.
