Градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски денеска оствари средба со амбасадорката на Народна Република Кина во Република Македонија Џијанг Сјаојан. На средбата станало збор за унапредување и јакнење на соработката што Македонија и Прилеп ја има востановено во повеќе области економија, туризам, култура, а особено во образованието со Народна Република Кина.
При тоа акцентот бил ставен на потенцијалите кои ги има општината за развој на економијата, привлекување инвестиции, но и можностите за развој на туризмот, посочи градоначалникот Проданоски на социјалните мрежи:
Прилеп е град со богата историја, значајно културно наследство и развиена економија, што претставува силна основа и потенцијал за привлекување на нови туристи и инвестиции во иднина. Нашата соработка со Народна Република Кина има долга традиција. Во 2013 година, во градот Де Јанг, во провинцијата Сичуан, беше потпишан Меморандум за воспоставување пријателска соработка помеѓу Општина Прилеп и Општина Де Јанг, со што беа поставени темелите за континуирани пријателски и институционални врски. Особено значајна е и нашата соработка во областа на образованието. Дел од прилепските основци, средношколци и наставници, кои имаат афинитет за изучување јазици, имаат можност факултативно да го изучуваат кинескиот јазик токму тука, во Прилеп, како и кинеската култура и обичаи. Ова е резултат на воспоставената соработка помеѓу Општина Прилеп, Амбасадата на Народна Република Кина и Институтот за кинески јазик „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Нашата Локална самоуправа и понатаму ќе продолжи да работи на јакнење на меѓународната соработка и отворање нови можности за развој на нашата општина.
