На почетокот на јули ќе има јавна расправа во врска со постапката за продолжување на А-интегрираната дозвола на Цементарницата „Усје“. Барањето е уредно поднесено, а дозволата ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, соопшти министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.
Во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма вечерва Хоџа посочи дека барањето за обнова на дозволата е поднесено и објавено на 22 мај и до 22 јуни тече рокот за увид во барањето и секоја заинтресирана страна, рече, може да поднесе забелешка на постапката за обновување на дозволата.
– Барањето за дозвола беше јавно објавено на 22 мај на веб-страницата на Министерството и уредно доставено до Општина Кисела Вода и Град Скопје. Законскиот рок за поднесување забелешки трае до 22 јуни. Во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа на територијата на Општина Кисела Вода, каде што е лоцирана фабриката. Заради целосна транспарентност, Министерството јавно ќе го објави целиот записник, информираше Хоџа.
Како што рече, барањето е поднесено уредно и според актуелниот закон, дека постапката тече и треба да заврши во март, но дозволата ќе биде обновена според новиот закон за контрола на индустриските емисии, кој треба да стапи во сила во септември идната година. Новиот закон предвидува построги еколошки стандарди и тие ќе важат и за сите оператори со А-дозволи.
– Ќе биде според новиот закон донесен минатата година, ќе го почитуваме законот од точка до точка, изјави Хоџа.
Со оглед на тоа што по 2027 година сите дозволи ќе мора да се ревидираат, според министерот, логично е секое тековно обновување да се врши според идните, повисоки критериуми за заштита на амбиенталниот воздух и околината.
По најавата на иницијатива „Стоп за Усје“ за протестен марш по барањето на „Усје“ за обновување на А-интегрираната дозвола, министерот рече дека ќе има средба со претставниците на иницијативата, како и со сите невладини еколошки организации и екоактивисти.
-Затоа што тие ни се партнери, не се непријатели. Како Министерство сме за дијалог со невладиниот сектор зашто имаме иста цел – чиста и здрава животна средина. Сите се поканети да достават забелешки и ќе имаме јавна расправа, рече Хоџа.
Министерот соопшти дека се подготвува регистар на индустриски капацитети кои поседуваат А-интрегрирана дозвола и оти тие се обврзани да го информираат МЖСПП кое ќе ги објавува мерењата на својата веб-страница.
