„Хорор и срамотилак во ‘највисокиот’ орган на судската власт“ правниците го критикуваат разрешувањето во Судски совет
Правната фела има низа забелешки за разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет. Голем дел од нив, сметаат дека не е изгласан ниту дневниот ред за да може да се премине на наредна точка. Како кочница за разрешувањето да биде легално, според правниците се и седумте гласови, кои ги сметаат за недоволни, бидејќи претседател се избира со осум гласови. На темата коментираа ексобвинител, адвокати, професори по право.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска посочува дека драмата во Судски совет е само нокаут за веќе паднатото судство на колена.
„Ако претседателка на ова тело може да се разреши како да е претседателка на куќен совет, надвор од секоја процедура, со насилие и пуч во телото, секој судија треба да се запраша дали овој состав треба да одлучува за неговата одговорност и напредување во кариерата. И како би бил заштитен тој како судија? Уште веднаш треба со изјава да излезат сите претседатели на првостепени и апелациони судови, Врховниот суд, Управниот суд, Вишиот управен суд и Здружението на судии со реакции за денешниот скандал. ‘Борбата продолжува, ќе биде уште полошо’- рече Дамева на заминување. Колку полошо може од ова?! ‘Анархија’, ‘колапс’, ‘амбис’, ‘хаос’ се употребените именки за состојбите во судството од страна на членовите на Судскиот совет. ‘Ова на ништо не личи’, ‘беззаконие’, ‘ ‘ќе биде полошо’, ‘има озборувања по канцеларии’, ‘нарушени меѓучовечки односи’, ‘диктати’, ‘нарачки’ и слично, се дел од описите што можевме да ги чуеме. Еден збор не употребија-‘срам’, тоа е од мене, а го опишува чувството да се следи седницата“, напиша адвокатката.
И адвокатот Јанаки Митровски, посочи дека оваа држава се вознемирува само кога САД ќе пише писмо.
„Ова е јадна држава во која Судски совет се вознемирува само кога амбасадорот на САД ќе им пише. Од граѓани, адвокати и остало не им чуе. Ваков вазалски однос е погубен за нас. ‘Дали сме ние членови на Судскиот совет и треба ли да знаеме за тоа сериозно писмо доставено до Судскиот совет?’, ова прашува потпретседателот на Sоветот, еј Македонијо државиште!!!“, вели Јанаки.
Остра критика и од професорката по право, Мирјана Најчевска.
„Поголема банда од судиите членови на Судскиот совет нема Тоа се партиски војници назначени на овие функции единствено со цел да го штитат криминалот на партиските челници. Дајте бре луѓе да се тргнат сите судии и јавни обвинители, а прво овие од советот“, вели професорката Мирјана Најчевска.
Ана Павловска-Данева, професорка по право, посочува дека разрешувањето на претседателката Дамева, додека таа е во салата, а со одземање на збор од страна на потпретседателот создава негативна практика.
„Денес потпретседателот на Судски совет и го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на Закон и Деловник. Сите молчат. Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата. Сите пак ќе молчат. И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати“, вели професорката Ана Павловска Данева.
Ексминситерот за правда, Михајло Маневски, посочува дека вчерашните случувања во Судскиот совет се хорор и срамота.
„Хорор и срамотилак во ‘највисокиот’ орган на судската власт. Селим Адеми заменик претседател на Советот, изврши пуч и ја презеде власта во Судскиот совет со сила. Овој Селим не ферма ни деловник, ни дневен ред ни закон. Почитува само насилие, кое го изврши поддржан од сите претставници на ДУИ во Советот? Значи може и вака, со насилие? Браво. Сега довербата во судството е рамна на нула. Аферим“, пишува Маневски.
Вчера во Судскиот совет имаше неколкучасовна драма, караници, препукувања. Заменикот на крај успеа да ја разреши претседателката на Судски совет.